Земјоделците повторно се заборавени од власта предводена од Ковачевски и министерот Николовски. Без никаква помош оставени сами на себе да се снаоѓаат во оваа економска и енергетска криза, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат дека ниту една од таканаречените кризни мерки на владата не ги опфати земјоделците.
-Изминатите неколку месеци тие се соочуваат со драстични покачувања во цената на репроматријалите, вештачките ѓубрива, како и со зголемената цена на нафтата. Доколку власта не им излезе во пресрет земјоделците ќе се соочат со големи потешкотии при својата работа и производство. Исто така, доколку Ковачевски и Николовски не преземат итни мерки, земјоделците во Македонија ќе се соочат и со отежнат пласман на своите продукти, поради состојбата во Украина. Затоа ВМРО-ДПМНЕ дава целосна поддршка во барањата на македонските земјоделски здруженија. Власта мора да им помогне на земјоделците за да ја преживеат оваа криза, се наведува во соопштението на партијата.
Од ВМРО-ДПМНе нагласуваат дека потребно е 100% ослободување од акциза и ДДВ за зелената нафта за земјоделците за сите земјоделски гранки. Итно зголемување на субвенциите за сите земјоделски гранки и нивна исплата пред секоја производна сезона.
-Власта да го укине ДДВ за сите вештачки ѓубрива и хемиски препарати, како и да воведе субвенционирање на вештачки ѓубрива кои се користат во земјоделското производство. Веднаш да се ослободат земјоделците од надомест за концесија за цела 2022 година корисниците на државно земјиште, ослободување од пашарина, наводнување и одводнување. Владата да ги субвенционира придонесите на регистрираните земјоделци и под итно да се изнајдат пазари за пласман на земјоделските производи што се произведуваат на македонските ниви. Една од најпогодените гранки од кризата е земјоделството, затоа е потребно веднаш да им се помогне со мерки кои ги бараат и самите земјоделски здруженија. Владата да не остане глува и нема на маките на земјоделците, стои во партиското соопштение.