Русија сигнализираше дека продолжува со инвазијата на Украина, откако највисокиот суд на Обединетите нации нареди веднаш да ги запре сите воени дејствија, јави Скај њуз.
Судот соопшти дека е „длабоко загрижен“ од руската употреба на сила.
Кремљ информираше дека нема да ја земе предвид одлуката на судот, обвинувајќи ги западните медиуми за ширење „монструозно лажни вести“ околу конфликтот.
Тоа се однесува и за САД, откако претседателот Џо Бајден го опиша Владимир Путин како „воен злосторник“. Беше кажано и дека САД долго бомбардирале цивили и користеле нуклеарно оружје во Јапонија, на крајот од Втората светска војна, па затоа, Бајден „нема право да ја подучува Русија“.
На прашање за извештаи од напредокот во мировните преговори со Украина, Кремљ соопшти дека руските преговарачи вложувале „колосална енергија“ во дискусиите – повеќе, отколку што тоа го правела Украина.
Според Кремљ, „руските услови за мировен договор се апсолутно јасни и можат многу брзо да го запрат тоа што се случува“.
Меѓународниот суд на правдата вчера нареди Русија веднаш да ја прекине воената операција во Украина.
„Руската Федерација веднаш да ги прекине воените операции кои започнаа на 24 февруари 2022 година на територијата на Украина“, соопштија судиите.
Тие додадоа дека Русија исто така мора да се погрижи другите сили под нејзина контрола или оние поддржани од Москва да не ја продолжат воената операција.
Постапката пред МСП беше иницирана од Украина во февруари, барајќи од судот да и нареди на Москва да ја запре инвазијата.
Русија го бојкотираше сослушувањето одржано пред десетина дена.
Ниту Русија, ниту Украина не се членки на МКС, а Москва не го признава судот, основан во Хаг во 2002 година.