Руските се согласија да го напуштат украинскиот град Славутич по масовните протести на Украинците. Руската војска денеска влезе во Славутич, град во близина на нуклеарната централа Чернобил.

Украинците веднаш излегоа на улиците, а руските војници ги растераа со истрели во воздух и шок бомби. Граѓаните побараа Русите да го ослободат градоначалникот Јуриј Фомичев, кого го киднапираа веднаш штом влегле во градот.

Украинската политичка партија Слуха Народу, во соопштение потврди дека градоначалникот е ослободен.

„Киднапираниот градоначалник на Славутич веќе е на слобода“, се вели во соопштението. „Минитинзите (против Русите) продолжуваат во градот“, пренесува Си-Ен-Ен.

Во видеото објавено на Фејсбук, градоначалникот Јури Фомичев е прикажан како денеска им се обраќа на жителите и им кажува дека ќе мора да „комуницираат со окупаторите“ откако руските војници влегоа во градот. Фомичев им рече на жителите дека Русите бараат сите кои поседуваат оружје да го предадат. Градоначалникот на демонстрантите им кажа дека Русите се согласиле да се повлечат под услов „во градот да нема украинска војска“.

Според договорот, на руската армија и е дозволено да го пребарува градот во потрага по украински војници, а потоа мора да се повлече. Исто, според договорот, пред градот треба да остане само еден руски контролен пункт.

Во Славутич живеат околу 25.000 луѓе. Градот се наоѓа веднаш надвор од т.н. исклучени зони околу нуклеарната централа Чернобил, која во 1986 година беше сцена на најголемата нуклеарна катастрофа во историјата.

– Русите пукаа во воздух, фрлаа шок бомби во толпата. Но луѓето не се разотидоа. Напротив, се собраа уште повеќе, изјави Олександр Пављук, гувернер на Киевската област каде што се наоѓа Славутич.