СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против В.Р. (58) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама” по член 247 став 3 во врска со став 7 од Кривичниот законик. Во текот на јули 2019 година пријавениот се обидел да ги доведе во заблуда одговорните лица во осигурителна компанија во Скопје.

Во својство на осигуреник/договарач на полиса за каско осигурување на неговото патничко возило „Ауди А4“, соопштија денеска од МВР, поднел барање за надомест на штета од наводна сообраќајна несреќа со возилото, која, според неговото тврдење, се случила на територијата на Албанија во истиот месец и во прилог на барањето приложил документација со изјава наводно издадена од овластени лица од албанското МВР.

– По преземени мерки било утврдено дека на наведениот ден нема заведена сообраќајна несреќа во Република Албанија и на тој начин пријавениот се обидел да ги доведе во заблуда одговорните лица во осигурителната компанија да му исплатат надомест на штета во износ од 924.423 денари, се наведува во соопштението од МВР.