Историчарите од Бугарија пред денешниот состанок за Сител телевизија истакнаа дека постигнат е напредок и прогрес во разговорите и работата на мешовитата историска комисија.
Тие велат дека за кои точно историски личности станува збор и каде е точно напредокот официјално ќе споделат денеска по завршувањето на средбата.
За темата Цар Самоил потврдија дека е завршена, договорено е негово заедничко чествување, додека пак темата за Гоце Делчев се уште не е на дневен ред и за неа ќе се расправа само доколку се најде време на денешниот ден од состанокот.
По средбата историчарите ќе информираат и за кои други историски личности е постигнат напредок.
Од ВМРО ДПМНЕ, пак, бараат Ковачевски и Османи да кажат кој е напредокот поради кој Бугарија се радува, а Македонија молчи.
На денешната прес-конференција Драган Ковачки, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека Владата на Ковачевски тајно преговара со Бугарија и администрацијата на Кирил Петков, процесот е целосно нетранспарентен, и дека за исходот од преговарањето не е информирана ниту опозицијата, ниту Собранието.
Посочува дека политичките чинители, пратениците, стручната јавност и граѓаните на Република Македонија за текот на преговорите се информираат од изјавите на бугарските политичари во медиумите, а не од Ковачевски или Османи, кои се должни да реферираат и во Собранието и пред граѓаните.
Тој посочува дека доколку Османи и Ковачевски одбијат да кажат кој е напредокот поради кој Бугарија се радува, а Македонија молчи, отвора сериозен сомнеж дека се водат преговори кои се на штета на македонските национални интереси.