Распространетоста на Ковид-19 кај Британците е на највисоко ниво од почетокот на пандемијата во 2020 година, покажаа денеска податоците од Британскиот Национален завод за статистика (ONS).
Се верува дека во последната недела од март, едно од 13 лица имало коронавирус, што е четврто последователно зголемување, додека една недела претходно соодносот бил еден спрема 16. ONS проценува дека 4,1 милиони луѓе во Англија имаат ковид-19.
Податоците пристигнаа истиот ден кога беше укинато бесплатното тестирање за Ковид-19 за граѓаните. Комплетот за самотестирање сега генерално чини околу две фунти, додека лабораторискиот PCR тест чини помеѓу 40 и 90 фунти.
Водачот на опозициските лабуристи Кир Стармер предупреди дека укинувањето на бесплатното тестирање може да значи дека помалку луѓе ќе бидат тестирани кога ќе имаат симптоми.
Владата соопшти дека здравствените работници, работниците од социјалната помош и најранливите ќе можат бесплатно да се тестираат.