Вработените во управата и правосудството вчера два часа ја прекинаа работата, а истото ќе го сторат и денес. За понеделник генерален штрајк најавија и вработените во образованието, науката и културата. Се бара исплата на минималната плата според законот и усогласување на останатите плати со минималната. Од Владата се согласни дека треба да има зголемување на платите, но сметаат дека тоа не треба да се направи наеднаш затоа што може да предизвика инфлација.
Според синдикатите, барањата се реални и неопходни, а незадоволството кај членството е се поголемо.
– Не бараме многу. Бараме линеарно зголемување на сите плати до 2.806 денари, исплата на минимална плата по закон и потоа корекција на платите на сите вработени кои треба да добијат над минималната плата. Ситуацијата не е одржлива. Сите вработени добија под минимална плата. Редно време е Владата да најде средства и да ги зголеми еднаш за секогаш платите во администрацијата, изјави вчера претседателот на Синдикатот на вработените во управата, правосудството и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деановски, најавувајќи дека ќе бараат модели на изразување незадоволство со кои ќе ги заштитат вработените да не бидат казнети од страна на работодавачите.
Од друга страна, премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека платите треба да растат, но не наеднаш затоа што тоа може да предизвика инфлаторски притисок.
– Сметам дека треба да се зголемуваат сите плати, меѓутоа тоа зголемување на платите треба да се прави низ методолошка рамка којашто нема да биде направена веднаш во еден момент затоа, што тоа може да предизвика дополнителен инфлаторен притисок од кој никој нема да има полза со оглед на тоа што зголемена инфлација само ќе ги изеде приходите коишто ги имаат работниците. Од таа причина и МТСП и вицепремиерот за економски прашања и министерот за финансии и министерот за образование се во постојани разговори со сите синдикати коишто покриваат различни гранки од општеството, изјави Ковачевски.
Тој смета дека решенијата треба да се бараат преку преговори за сите страни да бидат задоволни, а не прво да се организираат протести и штрајкови.
– Не е добро за економско-социјалниот дијалог прво да се најави штрајк, а потоа под притисок да се доаѓа на разговори со Владата. И во такви услови, Владата разговара нормално со сите претставници на синдикатите и јас сум сигурен дека на крајот на денот ќе изнајдеме решение коешто ќе биде на взаемно задоволство и на работниците и на оние кои ги плаќаат даноците за да се исплаќаат тие плати, рече Ковачевски.
Според Ковачевски, вработените во јавниот сектор кои немаат добиено минимална плата за март во износ од 18 илјади денари, разликата ќе ја добијат откако во Собранието ќе поминат законските решенија кои тоа треба да го овозможат.
– При носењето на законското решение за минимална плата од 18 илјади денари, кажав дека сите вработени во јавниот сектор ќе ја добиваат. За тоа е потребно да се изменат одредени закони кои во моментов не се изменети и се во собраниска процедура. Владата минатата недела донесе заклучок со којшто ќе биде овозможено оние кои нема во овој месец да ја добијат платата до 18 илјади денари, таа разлика да им биде исплатена веднаш штом ќе биде донесе законот соодветен за административни службеници, рече Ковачевски.
По двете неуспешни средби со Владата, в понеделник, генерален штрајк најавува и Синдикатот за образование, наука и култура. СОНК бара веднаш зголемување на платите за 18,4 проценти и потоа усогласување на останатите плати со минималната плата. Неизвесно останува одвивањето на наставата во училиштата и згрижувањето на најмалите во градинките.
Од Министерството за труд и социјална политика под чија надлежност се градинките велат дека сите предучилишни установи во деновите на најавениот штрајк, ќе ја извршуваат својата дејност на згрижување и воспитание на децата како и досега.
– По повод најавениот штрајк од страна на СОНК и во предучилишните установи, а кое право е загарантирано право на работниците согласно со Уставот, при остварувањето на правото на штрајк, вработените се должни да обезбедат минимум непречено извршување на функциите на установите и неопходно ниво на остварување на правата и интересите на граѓаните, односно треба да биде обезбедено непречено згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст, информираа вчера од Министерството за труд и социјална политика.
И премиерот Ковачевски вчера порача дека местото на учениците е во училиштата.
– Училиштата, МОН, општините – кога се работи за основно образование, треба да го организираат работниот процес, бидејќи децата мора да имаат образование. Особено затоа што излеговме од период на пандемија речиси по две години кога децата мораа да седат дома, рече Ковачевски, изразувајќи надеж дека во наредниот период ќе биде изнајдено решение со синдикатот.
Минатата среда, предупредувачки протест одржа и Конфедерацијата на слободни синдикати. Барањата се исти – исплата на минимална плата и усогласување на останатите плати.
Сојузот на синдикати на Македонија вчера ги објави и податоците за синдикалната потрошувачка кошничка во март. Според овие податоци, минималните трошоци на едно четиричлено семејство во март изнесуваат 36.768 денари, објави ССМ, кој секој месец ја прави пресметката на синдикалната минимална кошничка.
– Од почетокот на годинава потрошувачката кошничка е зголемена за 1.000 денари, а во однос на претходната година во месец март е зголемена за 3.000 денари. Најголемо зголемување има кај исхраната и пијалоцита и кај превозот, што значи си продолжува растот на истата, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.
Статистичките податоци што вчера ги објави Државниот завод за статистика покажуваат дека во март трошоците на живот се зголемени за 8,8 проценти во споредба со март лани, а цените на мало за 9,6 проценти. Во однос на февруари има зголемување за 1,6 проценти, а кај цените на мало за 1,5 проценти.