Одлуката дали во Белград ќе се одржат нови градски избори претседателот на државата и лидер на Српската напредна партија (СНС) Александар Вучиќ ќе ја донесе врз основа на резултатите од анкетата на јавното мислење, односно „по почуствувањето на пулсот на гласачите“ после средбата со претседателот на Партијата на слободата и правдата (ССП) Драган Ѓилас, што треба да се заврши до петок, пишува Данас, јави дописникот на МИА од Белград.
-Бидејќи Вучиќ не е задоволен од резултатите на СНС, како на национално ниво, а особено во Белград, нови испитувања на јавното мислење почнаа да се спроведуваат веќе на вториот ден по изборите, пишува Данас, повикувајќи се на извор близок до СНС.
Како што навел тој извор, „и самиот Вучиќ чекал на закажување на состанокот со Ѓилас, додека не ги добие резултатите од првите анкети“, пренесува Данас, кој потсетува дека Вучиќ треба да одговори на предлогот на Ѓилас за одржување нови избори за градот Белград оваа недела.
-Вучиќ сега сака да види како неговите гласачи ќе ја примат средбата со Ѓилас, како тоа го прима целото јавно мислење, а како гласачите на опозицијата. Врз основа на тоа, тој ќе донесе дополнителни одлуки за белградските изборите, оценува Данас.
Овој весник пишува и дека опозициската Обединета коалиција за победа на Србија официјално се уште постои, но неофицијално се наѕира нејзиниот крај. Можеби крајот нема да следи деновиве, но ќе се случи по повторените избори во Белград, а можеби и порано, кон крајот на оваа недела, кога треба да следи одговорот на Александар Вучиќ на барањето на Драган Ѓилас за распишување нови белградски избори.
-Доколку Вучиќ одговори позитивно на барањето за повторување на изборите, де факто ќе се создаде техничка коалиција на Српската напредна партија и Партијата на слободата и правдата, а тоа ќе значи и крај на коалицијата Обединети за победа Србија, изјави Вук Јеремиќ, лидер на Народната партија, напоменувајќи дека неговата партија нема да учествува во тоа.
Изборните листи на опозициските десничарски партии кои го поминаа цензусот на градските избори во Белград различно говорат за понатамошните постапки поврзани со ситуацијата околу неизвесните изборни резултати во Белград и формирањето на градска власт, додека се согласуваат во тоа дека своите постапки нема да ги одмеруваат во зависност од исходот од состанокот на лидерот на СНС, Александар Вучиќ и лидерот на ССП Драган Ѓилас.