Состојбите во земјоделието се алармантни и катастрофални. Денеска во средби со земјоделци во целата струмичка околија во општините Струмица, Ново Село, Босилево, Василево, разговараме со земјоделците и навистина ни кажуваат за алармантните состојби со кои се соочува македонското земјоделие, изјави денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.
Посочи дека репроматеријалите се отидени некаде од 200 до 500 проценти нагоре, ѓубривото е поскапено за некаде 3 пати.
-Една вреќа ѓубриво која што до минатата година била 500 или 600 денари, сега е од 1.500 до 1.700 денари. Исто така поскапена е и нафтата, а на тој начин и обработката на земјиштето. Од друга страна откупните цени на земјоделските производи се исклучително ниски. Така пролетната зелка која најмногу се сади во овој крај, се откупува за некаде 15 до 20 денари за килограм, што е исклучително ниска цена имајќи предвид дека минатата година се откупувала за 30 до 35 денари. Во исто време минатата година ѓубривото беше 500 до 600 денари, а оваа година 1.500 до 1.700 денари. Минатата година нафтата беше 30 до 40 проценти поевтина, она што е сега и се уште земјоделците стравуваат дали за 15 до 20 денари ќе најдат пласман, вели Николоски.
Според него, токму затоа се случува голем протест на земјоделците од овој крај во кој што бараат владата и министерството за земјоделие да преземат итни мерки, а не да бегаат.
-Слушнав дека министерот за земјоделие избегал од средба со земјоделците. Тоа не е начин на решавање на проблемите. Бегањето од проблемите не е начин на решавање на проблемите, затоа што доколку сакаат да бегаат треба да избегаат од владата и да се согласат на предвремени парламентарни избори кои што ќе ја решат маката на земјоделците. Ние целосно го поддржуваме овој протест на земјоделците, сметаме дека заслужуваат пристојни цени и сметаме дека една влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе знае да се справи со проблемите во земјоделието, посочува потпретседателот на партијата.