Успешно е завршена и трансплантацијата на вториот бубрег кај 40-годишен пациент. Донор е 20-годишната Верица Белчовска, која загина во сообраќајна несреќа, а нејзиното семејство одлучи да ги донира органите.
Во текот на ноќта и претпладнево успешно беа завршени трансплантацијата на срце кај 22 годишено момче, трансплантацијата на првиот бубрег кај 27-годишен пациент, а за првпат во историјата на македонското здравство е извршена и експлантација на коски и коскени ткива од починат донор кои од понеделник ќе бидат аплицирани кај пациенти.
Ова е втора трансплантација на срце извршена од починат донор во земјава. Трансплантацијата е направена од тимови од Државната клиника за кардиохирургија и од Клиниката „Жан Митрев“.
Сочувство до семејството на донорот денеска изрази таткото на 22-годишното момче Иле Стрезовски, на кое во раните утрински часови му беше трансплантираното срцето од 20-годишната Белчовска.
– Мојот син успеа преку нејзините родители да добие срце. На мојот син му го продолжи животот. Тој боледуваше од јануари од слабо срце. Разговаравме со синот добро се чувствува, се е супер. Голема благодарност до целиот тим на Кардиохирургија на чело со доктор Сашко Јовев и голема благодарност до министерот Венко Филипче, изјави Стрезовски.
Министерот за здравство Венко Филипче информира дека трансплантацијата на срцето поминала добро и оти целокупниот оперативен процес поминал без никакви проблеми. Пациентот, како што изјави Филипче, се чувствува добро и сите параметри се добри.
– Сакам да изразам благодарност и да честитам на сите членови на тимот кои работеа до раните утрински часови. Бубрезите ги добија уште еден 27 и 40-годишен пациент, а за следната недела се планира имплантација на дел од коскениот систем кај пациенти кои страдаат од малигни болести и дел од коските се зафатени со метастаза, изјави Филипче.
Изрази благодарност до семејството на Белчовска кое во овие за нив тешки моменти, сепак се одлучиле на хуман гест да ги донираат органите.
– Нејзиното семејство и покрај тоа што беа во шок и неверување сепак собраа сила и храброст и се согласија да се донираат нејзините органи за што сакам да им изразам бескрајна благодарност. Направивме организација по принципот на организација на која се направи првата трансплантација на срце минатата година. Се направија мултидисциплинарните тимови и се експлантираа срцето, двата бубрези, и за првпат во нашата земја дел од коскениот систем, рече Филипче.
Директорот на Клиниката на урологија Сашо Дохчев изјави дека бубрегот трансплантиран кај 40-годишниот пациент бил помал со три артерии, што е реткост но, како што кажа, направиле се што е потребно и добро е тоа што бубрезите профункционирале.
– Анастомозите на артериите на бубрезите со три артерии се практично неможни за трансплантација. Но се потрудивме, успеавме и тоа да го направиме со тешки маки, меѓутоа успеавме. Веќе бубрезите промокрија за време на операцијата што е некој знак дека и во иднина ќе биде добро со диурезата, рече д-р Дохчев.
Националниот координатор за трансплантација доктор Маја Мојсова-Мијовска верува дека земјава е на добар пат да направи етаблирана програма.
– Вверувајте тешко е, не можам да кажам дека се уште имаме систем, но сме на добар пат да направиме систем и тоа мене многу ме радува како успех и како моја визија за трансплантацијата во земјава, изјави Мојсова-Мијовска