Во рок од неколку дена на Спасовски му се случува убиство кое се обидува да го сокрие, кражба на оружје и муниција од полициски магацин во Охрид за која исто така молчи, за на крај да крие и за една од најголемите кражба во Македонија до сега – кражба на масло од марихуана во вредност од над 2 милиони евра, изјави на денешната прес-конференција Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Посочи дека сето ова се случува во период од неколку дена, а ниту еден случај немаше да добие внимание да не беа бурните реакции на медиумите, јавноста и ВМРО-ДПМНЕ.
-Кражбата на масло од марихуана од просториите на фабриката на фирмата 5 летерс, која сега е во стечај во с. Алданци, Крушево во вредност од над 2 милиони евра е една од најголемите кражби досега во Македонија, а МВР на Спасовски 3 дена молчи. Украдени се 108 шишиња со масло од марихуана, од кои 93 се со количина од 1000 мл, додека 15 се со количина од 500 до 1000 мл. Во објектот има ангажирано обезбедување од една приватна агенција за обезбедување со седиште во Струмица, а просториите се под видео надзор со неколку десетици камери. Дополнително, маслото се чувало во специјален сеф, вели Ковачки.
Прашува што прави Спасовски 3 дена и зошто не ги прегледа камерите од објектот? Дали му се потребни 3 дена за да изгледа снимки од неколку часа?
Пратеникот вели дека дополнително се поставува прашањето, што правело приватното обезбедување и зошто не е спречена кражбата, посебно имајќи во предвид дека ова не е прва кражба во фабриката.
-Дали Спасовски свесно ја одолговлекува истрагата и дали маслото од марихуана веќе ја напуштило државата? Кој e тој што профитира од нелегалната продажба на маслото од марихуана и дали Спасовски знае за истиот и затоа молчи? Спасовски е или целосно неспособен или во целосен договор со мафијата. И во едниот и во другиот случај е неизбежно, Спасовски треба да си поднесе оставка, истакна Ковачки.