Непознати сторители целосно ја оштетиле наплатната рампа на затворениот паркинг „Лирија“, спроти судот во Тетово.
Од ЈП „Градски паркинг“ информираат дека случајот е пријавен во полиција, ќе се разгледуваат снимките од безбедносните камери, а против сторителите ќе следуваат соодветни казни.
ЈП „Градски паркинг“ повторно апелира граѓаните да се воздржуваат од вакви несакани вандализми. Урбаната опрема треба сите да ја чуваме, градот припаѓа на сите подеднакво. Ова не е добра слика на нашето Тетово – велат од претпријатието.
Оттаму велат дека секојдневно се соочуваат со тешкотии во работењето. Само во изминатава недела насилно биле симнати седум блокатори на тркалата кои биле поставени на возилата кои подолго време биле паркирани, а не платиле за паркинг.
Неодамна двајца вработени од пајак службата биле физички нападнати додека подигале непрописно паркирано возило. Тие се здобиле со полесни телесни повреди, а против напаѓачот е поднесена пријава во СВР Тетово.