Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за ТВ 21 нагласи дека во услови кога расте инфлацијата како увезена бидејќи е предизвикана од зголемените цени на енергенсите, од зголемените цени на храната на светските берзи, од зголемените цени на суровини на светските берзи, и во услови кога се справуваме со тоа во државата, Владата ја зголеми минималната плата на задоволство на сите синдикати, иако имаше дел од синдикатите кои што не сакаа да се постигне договор.
-Јас секогаш сум бил на страната на работниците. Јас секогаш велам дека најлесно се качува плата во јавниот сектор, односно платата којашто ја плаќаат даночните обврзници најлесно се качува. Синдикатите бараат поголеми плати, Владата треба да подобри и тоа ќе го плаќаат даночните обврзници. Во приватниот сектор не е така, во приватниот сектор треба да се зголеми продуктивноста, треба да се произведе повеќе и треба да се продаде повеќе, за да се зголеми платата“, посочи Ковачевски, и додаде дека и во такви услови се водеа транспарентни разговори со сите синдикати за усогласување со минималната плата.
„Ние имавме долги разговори со раководството на синдикатот, значи не само со претседателот туку со целиот Совет неколку состаноци на СОНК, дури и со претседателката на образовните синдикати на Европа. Сега е во тек процес на медијација. Се водат разговори во Министерството за образование и наука и во Министерството за труд и социјална политика и треба да се дојде до решение кое што ќе значи за зголемување на платите во образованието и детската заштита. Но, сите работи мораа да се кажат. Буџетот не е шведска маса па земи си од ова, земи си од она, малку блокирај, малку деблокирај и сé ќе биде. Не може така. Треба да се има одговорност. Не смееме да си дозволиме да имаме инфлаторен шок и тоа е прашање на одговорност на секој чинител, потенцираше премиерот Ковачевски.