Стабилноста на ЕУ ќе зависи од европската перспектива на регионот, време е за активирање на преговорите со Северна Македонија и Албанија, е пораката од денешната билатерална средба меѓу вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и заменик министерот за надворешни работи на Италија, Венедето Дела Ведова.
На средбата која, како што соопшти СЕП, се одржа на маргините на 7. годишен Форум на Стратегијата на ЕУ за Јадранско – јонскиот регион, беше истакнато и дека „билатералните прашања не треба да бидат пречка за да ги почнеме преговорите со ЕУ, зашто ние одамна сме ги исполниле условите и обврските“.
– Обединувањето на регионот во европското семејство ќе ја зацврсти стабилноста и ќе го врати кредибилитетот на Унијата помеѓу граѓаните од регионот и ќе овозможи зацврстување на нејзината улога како глобален лидер, со што ќе се потврди успешноста на европскиот проект – Европската Унија, рече Маричиќ.
Дела Ведова ја потврди силната поддршка за македонската европерспектива и изрази верување дека почнувањето на преговорите за членство на Северна Македонија со ЕУ ќе се случи што е можно поскоро.
Соговорниците на средбата изразија задоволството од постоењето можност за интензивирање на соработката за развој на стратешки проекти во рамките на Јадранско-јонската стратегија и програми кои, како што рекоа, ќе овозможат подобро поврзување на регионот и наша побрза транзиција кон иновативна и зелена економија, а со тоа ќе придонесат за побрза интеграција на Северна Македонија во ЕУ.