Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) во првите три месеци од годинава разгледа 52 претставки од осигуреници кои се пожалиле на услугите од осигурителни компании. Бројот на претставки по кои АСО постапува во првиот квартал годинава е зголемен тројно во споредба со истиот период лани кога стручните лица на АСО постапувале по 17 претставки, информираат од Агенцијата.
Од поднесените претставки 47 се поднесени од граѓани, а 15 од правни лица. Од граѓаните кои поднеле претставки 13 користеле услуги на адвокат – застапник.
-Во периодот јануари – март до АСО стигнале вкупно 62 претставки од осигуреници. Од нив шест биле без основ за разгледување, а подносителите во четири случаи ги повлекле своите претставки. Од вкупно 52 случаи по кои постапувал АСО во корист на осигуреници се решени осум претставки и тоа е за четири пати повеќе од истиот период лани. Во процес на постапување се 18 претставки, а негативно се решени 26 поплаки на осигуреници, соопшти Агенцијата за супервизија на осигурување.
Како што посочуваат, најчесто осигурениците се жалеле на услугата европски извештај при решавање на штети во сообраќајот. Од вкупно 27 поплаки за решавање штети од автомобилска одговорност (најголемата и задолжителна осигурителна класа) дури 19 претставки се заради постапување на осигурителните компании по европскиот извештај за штети. Во споредба со истиот период лани, оваа година на таа услуга се пожалиле четири пати повеќе осигуреници.
Значаен раст на поплаки, додаваат, има и кај осигурувањето имот – најголемата доброволна осигурителна класа. Стручните лица на АСО примиле 13 претставки од осигуреници и тоа е двојно повеќе од истиот период во 2021 година.
-Во однос на причината поради која се жалат осигуреници најбројни во овој период се претставките кои се однесуваат на основот по која компаниите исплаќаат штети. За првите три месеци се примени 20 такви претставки и тоа е за 53 отсто повеќе од истиот квартал во 2021 година. Најзначајно зголемување на бројот на претставки има за процесот во кој компаниите ги обработуваат штетите на осигурениците. Од почеток на јануари до крај на март се поднесени 16 претставки за обработка на штета, а лани истиот период биле поднесени четири пати помалку поплаки по оваа основа, прецизираат од АСО.
За висината на надоместот на штета што го нудат осигурителните компании во првите три месеци годинава се пожалиле 15 осигуреници.
-Во овие случаи АСО нема надлежност да одлучува за висината на надоместокот, но ги утврдува условите и околностите во кои е донесена одлуката за износот на понудена оштета, потенцираат од Агенцијата за супервизија на осигурување.