Ако нешто се реши, ќе се реши во име на геополитика. Средбата во Рим на македонскиот и бугарскиот премиер не може да донесе промени преку ноќ.
Советникот на Премиерот за евроатлански вредности и актуелен претседател на невладината организација Евро-атлантски совет на Македонија, Исмет Рамадани смета дека тежината на спорот Македонија-Бугарија одамна е падната и е стратешки интерес на Европската Унија и САД.
Иако и Ковачевски и Петков се лидери со прогресивни евроатлански вредности се наоѓаат во состојба на – “политичко нерасположение“, вели Рамадани.
Тој не е голем оптимист дека јунскиот Совет може да ја крене рампата за Македонија, но не ги исклучува диполматските можности да се изнајде некое решение кое ќе има пролонгирано дејство.
Вели дека исходот по јуни апсолутно не треба да донесе предвремени избори, затоа што оваа Влада покажала дека има цврсти ставови и достоинствено ги води преговорите со Бугарија.
Лидер: Што може да очекуваме по средбата Ковачевски-Петков? Може ли нешто да се смени на јунскиот Совет?
– Се работи за двајца лидери кои ги бие глас како прогресивни со евроатлански вредности. Нивната желба и воља да се реши проблемот и да се крене ветото на Бугарија постои и тука нема дилеми, меѓутоа и Ковачевски и Петков се наоѓаат во една ситуација- “политичко нерасположение“ и таму во Бугарија и тука во Северна Македонија, за да се направи некој порадикален чекор по однос на ова.
Посебно пред големо искушение е Премиерот на Бугарија, Петков кој има противници и во коалицијата, а и Претседателот на државата исто така му е тежок проблем кој има премногу радикални негативни ставови во однос на проблемот.Но, мислам дека самиот факт што веќе проблемот е издигнат на ниво на геополитиката и стратешките цели на Европската Унија и на САД , притискот ќе биде доста голем. Посебно кон Бугарија и дури мислам дека се бара “modus vivendi“ нешто што треба да помине на овој следен Европски Совет, нешто што треба да остане и понатаму низ преговори и разговори да се реши.
Рамадани очекува европска и американска офанзија и доколку дојде до некакво решение тоа ќе биде заслуга на ЕУ и САД.
Инаку, не можеме да бидеме оптимисти од сето тоа што го слушаме од Бугарија. Но во исто време во дипломатија има и нешто што можеби неочекувано од двете страни може да се најде некое решение кое е со пролонгирано време. Дури верувам дека тоа што пред неколку недели го кажа Петков, дека ветотото останува а ќе се употреби во некоја друга прилика ако разговорите не одат како што треба. Има доста непознати, посебно во тоа што се разговори, притисоци, САД-Бугарија, Европска Унија-Бугарија, па тука и ние сме под некаков притисок.
Да се надеваме без голем оптимизам дека сепак нешто ќе се случи на крајот на јуни на Европскиот Совет.
Сега интензивно се состануваат, имаат контакти, Вархеиј беше, се враќа за две,три недели во Софија, американската админситрација ќе биде целосно инволвирана… Ако нешто се реши, ќе се реши во име на тоа што е геополитика , односно стратешки интерес на ЕУ и американската администрација.
Лидер: Ваш став, дали средбите со Бугарија се само “губење време“ и лажна надеж за наш влез во Европското семејство?
-Мислам дека ние треба малку потрезвено и да имаме помирен пристап кон Бугарија. Не треба да бидеме под некоја хистерија, која веќе се случува во Бугарија. Мислам дека веќе се потврдени тие наши ставови во однос на идентитетот, јазикот… и помирно треба да го чекаме јуни и пристапот кон овие преговри. Затоа што мислам дека голем дел од проблемот веќе е преминат кај структурите на ЕУ и САД. Треба да бидеме присебни да не гаиме многу големи надежи, затоа што имаме многу други работи кои се значајни за државата посебно во овие времиња на криза, на енегретска, економска и безбедноска криза ( но тука стоие малку подобро затоа што сме веќе членка ан НАТО), така што тогаш кога можеби најмалку се очекува дека ќе се реши проблемот, може да се најде некое решение.
Лидер: Што после јуни, исходот е се поизвесен, треба ли Македонија да оди на предвремени парламантарни избори?
-Не. Апсолутно тука не е проблемот во тоа што “Владата не знае да се снајде со Бугарија“! Тука позрело треба да се гледаат работите.
Да е Владата како што другите ја квлаификуваат “предавничка“ и итн, ќе се решеше проблемот, ќе попушти како што бара Бугарија и се ќе се заврши!
Самиот факт дека Владата издржува и води преговори кои се на ниво на достоинствен пристап кон проблемот укажува дека проблемот треба да се бара на другата страна. Тоа што ние не добиваме датум не е дека ние не ги исполнуваме условите!
Јас не велам дека немаме слабости во системот и во владеењето, меѓутоа не е проблем дека Владата слабо се носи со проблемот со Бугарија, туку проблемот е во ставот на Бугарија и нејзините идеологии, комунистички живковизам, однос кој е многу години таложен во моменталната структура и е врежан кај мнозинството на бугарскиот народ.