Во Белград заврши редовниот мајски Собор на Српската православна црква, на кој на МПЦ-ОА и беше потврден статусот на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност, доделен во 1959 година, по што беше одржана заедничка литургија на владици на СПЦ и МПЦ-ОА, со што се воспостави литургиско и канонско општење на двете сестрински цркви, јави дописникот на МИА од Белград.

Во соопштението на официјалниот сајт на СПЦ, покрај повеќе одлуки кои се донесени на овој Собор, се споменува само заедничката литургија во Соборниот храм на Свети Сава со кој се воспостави евхаристичко општење и канонското единство помеѓу СПЦ и МПЦ-ОА.

– Следниот благодатен и благословен настан на Соборот беше заедничкото сосолужување на соборната света литургија во храмот на свети Сава на Врачар по воспоставувањето на евхаристичкото општење и канонското единство помеѓу Српската православна црква и Македонската православна црква, како таа се нарекуваше по прекинот на општењето од 1967 година. Литургијата ја служеше патријархот српски г. Порфириј во сослужение на архиепископот охридски и македонски г. Стефан, заедно со голем број архиереи, свештеници и ѓакони, се наведува во соопштението.

На сајтот на СПЦ се најавува и „канонската посета на делегација на СПЦ предводена од патријархот Порфириј“, која денеска треба да пристигне во Скопје, а утре заедно со архиепископот Стефан треба да сослужи заедничка литургија во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“.

Пред одржување на заедничката литургија во Белград, Соборот на СПЦ на 16 мај издаде соопштение со кое за МПЦ го прифаќа статусот на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност, доделен во 1959 година.

– Примајќи го актот на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија со кој таа го прифаќа општопризнатиот канонски статус што му беше доделен во 1959 година од Српската православна црква, и изразувајќи надеж дека Српската православна црква ќе го решава и реши нејзиниот канонскиот статус, Светиот архиерејски синод одлучи да го поздрави прифаќањето на статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност, доделен во 1959 година, се наведува во соопштението на сајтот на СПЦ.

Во него се додава дека се воспоставува целосна литургиско и канонско општење, единство на канонски основи и канонски поредок на целата територија на СПЦ, според што дијалогот за идниот и евентуалниот конечен статус на епархиите во Северна Македонија е легитимен и реален.

– Во дијалогот за идниот и евентуално конечен канонски статус на МПЦ, Српската православна црква ќе се води само од канонски и црковно-пасторални принципи, критериуми и норми, не грижејќи се за „реалполитички“, „геополитички“, „црковнополитички“ или за еднострани иницијативи и не потпаѓајќи под на ничие влијание или притисок. Соборот на СПЦ нема намера после решавањето на статусот да ја условува новата сестринска Црква со оганичувачки клаузули во однос на опсегот на нејзината јуриздикција во матичната земја и дијаспората, со препорака на истата прашањето за нејзиното официјално име да се реши во директен братски дијалог со гркофонските и другите православни цркви, се наведува во соопштението од Соборот на СПЦ.