Продолжуваме конструктивно во изнаоѓање взаемно прифатливо решение со Бугарија. Двајцата премиери не охрабрија да продолжиме со разговорите и врз основа на тој мандат ние ќе продолжиме, но досега нема нешто ново и различно од тоа што досега сме го разговарале. Во момент кога ќе имаме, ќе ве информираме, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на панел дискусијата „Патот до Брисел“, што се одржува денеска во Скопје.
Пред два дена, посочи Османи, имале средба во Рим, каде премиерите ги охрабрле двајцата министри и двете министерства да продолжат до дијалогот и разговорите за изнаоѓање взаемно прифатливо решение и врз основа на тоа охрабрување тие продолжуваат понатаму.
– Не можам да ги коментирам внатрешните динамики во Република Бугарија. Тоа што за нас е важно е дека ние тука имаме став по однос на тие прашања, кои што еве сега продолжуваме да ги комуницираме, и се надевам дека тоа ќе вроди со плод, изјави Османи.
Во однос на идејата на францускиот претседател Емануел Макрон, Османи рече дека тоа се уште е иницијатива во зародиш и нема пишан документ што ги објаснува деталите, но дека од разговорите со сите претставници на земјите кои ја заговараат идејата е дека таа не претставува алтернатива.
– Тоа што го кажуваат сите чинители, вклучени во развојот на оваа идеја, е дека тоа не е алтернатива на пристапниот процес во кој што се влезени земјите од Западен Балкан во последните 20 години, туку е нова иницијатива за политичка конвергенција во континентот на ЕУ, без притоа да влијае и да биде замена на ова што ние го имаме тука, изјави Османи.
Ние, посочи Османи, треба да бидеме фокусирани на нашиот процес, во кој сме отидени предалеку и во исполнување на критериумите и во формалните чекори на патот до полноправно членство