Нема услови за мојата посета, изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев, одговарајќи на прашањето за неговата посета на Франција, јави Бгнес.
Бугарската агенција вчера повикувајќи се на разговори од Коалицискиот совет на 27 мај меѓу партнерите во бугарската Влада објави дека претседателот и премиерот на Бугарија, Румен Радев и Кирил Петков, заедно со претставник на бугарското МНР ќе одат на средба со францускиот претседател, за да го одобрат предлогот на Емануел Макрон за укинување на ветото за преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
Бгнес објави изјава на неименувано лице дека за време на разговорите во Коалицискиот совет „од Владата информирале дека француското претседателство ветило оти ќе ги вклучи сите бугарски барања во преговарачката рамка и дека нивното спроведување ќе го гарантира самиот Макрон“.
Радев денеска негираше дека ќе ја реализира посетата.
-Нема напредок по отворените прашања меѓу Софија и Скопје, затоа нема услови за мојата посета на Париз кај претседателот Макрон. Сакам да видам реални резултати, ја ценам ангажираноста и напорите на нашите европски партнери, рече Радев.
Во однос на изјавата на Петков дека сите одлуки во врска со спорот ќе минат преку Собранието, Радев истакна дека „последната инстанца секогаш е народот“ и додаде дека постојат уставни механизми за негово консултирање.
-Ги следам внимателно позициите на партиите, додаде тој.