Западен Балкан треба да се интегрира во ЕУ и процесите треба да се забрзаат. Земјите- кандидатки треба да ги направат неопходните реформи за приближување до европското законодавство, а ЕУ треба да дејствува координирано со дискреција и секако со фантазија, вон вообичаената пракса, односно како што се вели „ out of the box“, порача претседателот на грчкиот Парламент Константинос Тасулас во неговото завршно обраќање на крајот од пленарната сесија на деветтото Парламентарно собрание на ПСЈИЕ, јави дописничката на МИА од Атина.
Тасулас ја повтори грчката поддршка за ЕУ перспективата на регионот, рече дека за Грција Западен Балкан е една од најважните области за бизнис заедницата, а во исто време „ЕУ е главниот политички, економски и трговски партнер на Западен Балкан“.
– Грција ќе продолжи стабилно и непоколебливо да работи за европската перспектива на Југоисточна Европа, бидејќи веруваме дека само тоа може да обезбеди мир, помирување и просперитет за нашите народи. Регионалната соработка во сите области е најефикасното средство за стабилност, безбедност и добрососедски односи, рече претседателот на грчкиот Парламент.
По завршувањето на денешната деветта пленарна сесија на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, Тасулас и го предаде претседавањето на претседателката на црногорскиот Парламент Даниела Дуровиќ, со оглед на тоа дека од јули годинава, ротирачкото претседателство со ПСЈИЕ од Атина оди во Подгорица.
Деветтото парламентарно собрание се одржа вчера и денеска во Атина во рамките на грчкото претседавање со Процесот, а учествуваше и собраниска делегација од Република Северна Македонија, предводена од претседателот на Собранието Талат Џафери, во чиј состав се пратениците Мартин Костовски, Павле Трајанов и Артина Ќазими.
Претседателот на Собранието имаше обраќање на Генералната дебата на Пленарната седница на тема: „Целите за одржлив развој за животната средина. Влијанието на кризата врз Југоисточна Европа: безбедност на снабдувањето со енергија и синџирот на земјоделско- прехранбени производи“, а оствари и билатерална средба со неговиот грчки колега Константинос Тасулас.