Дигитални решенија развиени од старт-ап, микро и мали ИКТ компании, што се погодни за дигитализација на работењето на компаниите од секторот туризам на денеска ќе бидат презентирани на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“-Охрид.
Презентацијата е дел од Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ на швајцарската агенција за развој и соработка, во партнерство со Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“-Охрид и Факултетот за туризам и угостителство – Охрид при Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола.
– На настанот ќе бидат презентирани дигитални производи и услуги во сегментот на е-резервации, е-плаќања, е-продавници, дигитално мени, дигитална рецепција, веб страници, дигитален маркетинг и промоција, управување со човечки ресурси, финансии и слично, соопштија организаторите.
На настанот, предвидено е да учествуваат сите компании од секторот туризам, кои се заинтересирани за дигитални решенија и дигитализација на нивните бизниси.