Украина во мај извезла 1,733 милиони тони житарки, маслодајни семиња и растителни масла, дури 80 отсто повеќе отколку во април, но сепак значително помалку отколку во истиот месец минатата година, соопшти Министерството за земјоделство.
Во пратките доминирала пченката со извезени 959 илјади тони, а извезени се 202.650 тони сончогледово масло.
За споредба, Украина во мај минатата година извезла 2,245 милиони тони пченка и 501.800 тони сончогледово масло.
Во тековната сезона 2021/2022 година, која завршува на крајот на месецот, Украина досега извезла 47,2 милиони тони житарки, вклучително и 148.000 тони извезени во првите пет дена од јуни. Испораките вклучуваат 18,578 милиони тони пченица, 22,4 милиони тони пченка и 5,7 милиони тони јачмен. Во јуни доминирал извозот на пченка.
До руската инвазија, Украина извезувала до шест милиони тони жито месечно, а во последните месеци извозот опаднал на околу милион тони. Најголем дел од земјоделските стоки ги извезувале преку поморските пристаништа, кои сега се блокирани поради руската инвазија, а извозот е пренасочен кон железницата, границата на запад и малите пристаништа на Дунав.
Министерството денеска соопшти дека 709.600 тони земјоделска стока биле извезени со воз, 798.800 тони со бродови низ пристаништата на Дунав и 212.089 тони со камиони. Преку дунавското пристаниште Измаил извезени се вкупно 327.900 тони стока, а преку пристаништето Рени 398.000 тони.
Податоците на Министерството покажуваат дека за трите месеци од руската инвазија, Украина извезла вкупно 3,04 милиони тони разновидна земјоделска стока. Претставниците на земјоделството и транспортот рекоа дека Украина сака да го зголеми извозниот капацитет на пристаништата на Дунав, што ќе овозможи испорака на жито во романските пристаништа на Црното Море.