Скопје и Софија се под силна дипломатска офанзива пред јунскиот самит. За само четри дена во Скопје и Софија на средби со државниот врв се еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и германскиот канцелар Олаф Шолц.
Јунскиот самит и “вечната“ тема на проширување со Балканските земји, ја размрда европската елита.
,,Ќе го превртиме секој камен за да дојдеме до решение Македонија и Бугарија“, изјави вчера Вархеји.
Универзитетскиот професор, поранешен вицепремиер, амбасадор во САД и специјален пратеник во разговорите за името, Васко Наумовски пак смета дека притисокот врз Бугарија е кај Франција. Вели, внатрешните процеси во Унијата поврзани со финансиската помош за државите-членки, билатералните односи на моќните држави со Бугарија, како и личниот капацитет за лидерство на европските политичари ќе имаат влијание врз можноста за почеток на преговорите.
Лидер: Работиме на тоа Северна Македонија да успее во јуни и мораме да успееме.Тука сме да ја завршиме работата, тука сме за да успееме. Северна Македонија мора да успее и сите ние мора да работиме на тоа“. Ова е пораката на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји испратена вчера од телевизиско гостување. Што може во овој кус период да направи Вархеји да ја премисли Софија да го тргне ветото?
-Европската комисија е традиционален поддржувач на проширувањето, но одлуките сепак се усвојуваат од страна на државите-членки со консензус. Потенцијалот за притисок врз Бугарија е кај француското претседателство.
Лидер: Со внатрешните политички турбуленции, прави ли Бугарија внатрешна криза и дефокус од ЕУ Самитот? Дали ова е осмислено сценарио на Софија?
-Бугарската влада подолг период се соочува со различни ставови кај коалиционите партнери, што кулминира со излез на една од партиите. Доколку владата на Петков опстане како малцинска влада, тоа може да оди во прилог на политичките сили кои имаат поумерен став кон спорот со Македонија.
Лидер: Дипломатската офанзива на Скопје ја продолжува и германскиот канцелар Олаф Шолц со својата посета во сабота. Имаат ли Германија и Франција волја и интерни алатки кој што се однесуваат на одредени условувања кон Бугарија, за време на француското претседателство да се тргне ветото и да се стартува процесот на преговoри?
-Секоја држава-членка на ЕУ има право на користење на ветото, но прашање е колку таков потег наидува на разбирање од останатите членки. Внатрешните процеси поврзани со финансиската помош за државите-членки, билатералните односи на моќните држави со Бугарија, како и личниот капацитет за лидерство на европските политичари ќе имаат влијание врз можноста за почеток на преговорите.