Премиерот Димитар Ковачевски и канцеларот на Сојузна Република Германија, Олаф Шолц во рамките на неговата официјална посета на нашата земја, имаа тет-а-тет средба на којашто разговараа за најважните прашања од приоритет за односите на двете земји, како и за теми од заеднички интерес поврзани со проширувањето на ЕУ, регионалната соработка и актуелната состојба со војната во Украина.
Како што соопшти владината прес-служба, н средбата беше заеднички констатирано дека односите и соработката меѓу Република Северна Македонија и Сојузна Република Германија се базираат на многу интензивен политички дијалог и имаат значајна динамика на соработка во сите области.
Двајцата соговорници споделија дека СР Германија останува еден од клучните политички партнери на Северна Македонија и значаен сојузник и поддржувач во процесот на европските интеграции на нашата земја, кој дополнително беше охрабруван и поттикнуван и низ повеќе регионални проекти, како Берлинскиот процес за исполнувањето на препораките на ЕУ и неопходните реформи од европската агенда.
За време на разговорот беше истакнато дека во пресрет на јунскиот самит на ЕУ под претседателство на Франција, од Брисел се очекува јасна порака и чекор за деблокирање на процесот за проширување со почеток на преговорите за Република Северна Македонија, како земја којашто ги исполни сите критериуми и услови, и како стратешка одлука од безбедносно значење за Европа, стои во владиното соопштение.
Сојузна Република Германија, беше речено на средбата Ковачевски – Шолц, останува на определбата да биде најзначајниот трговски партнер на нашата земја што е потврдено со најголемиот број германски компании присутни во Северна Македонија во кои работат повеќе од 20.000 македонски граѓани.