Двајца поранешни американски војници биле заробени за време на борбите со руските сили во Украина, објави британски „Телеграф“. Ова е првпат американски борци да бидат заробени во Украина од почетокот на војната.

Александер Друеке (39) и Енди Хајн (27) биле заробени за време на жестока битка во близина на Харков минатата недела, велат нивни соборци.

За потсетување, судот на проруската Доњецка Народна Република неодамна осуди на смрт двајца Британци и еден Мароканец заробени во Мариупол.

„Телеграф“ пишува дека заробувањето на двајцата Американци во Украина ќе биде дипломатски чувствително прашање, затоа што Кремљ би можел да се обиде да го искористи овој настан како доказ дека Америка е директно вклучена во војната. Рускиот претседател, Владимир Путин, најверојатно ќе побара големи отстапки за да ги ослободи, пишува британскиот весник.

Еден соборец на двајцата заробени Американци, кој разговарал со „Телеграф“ под услов да остане анонимен, рекол дека тие биле заробени откако налетале на голема руска единица минатиот четврток.

Бевме на мисија и одеднаш настана вистинска лудница. Имавме неточни информации. Ни кажаа дека градот е чист, а се покажа дека Русите веќе напаѓаат. Тие дојдоа по патот со два тенка Т-72, повеќе оклопни возила и околу 100 војници. Сè што ние имавме таму беше нашата единица од околу десетина луѓе.

-Зазедовме одбранбена позиција, а Друеке и Хајн истрелаа ракета кон руско возило и го уништија. Ова, за жал, го привлече вниманието на еден од руските тенкови, кој испука граната во нивна насока, посочил соборецот на заробените Американци.

Набргу потоа, тенкот бил онеспособен од противтенковска мина оставена од украинските борци на патот. Сепак, двајцата Американци потоа исчезнале и се верува дека се заробени од руски војници.

Се сомневаме дека биле онесвестени или од противтенковската мина или од истрелот упатен од тенкот во нивна насока. Подоцна неколку пати ги баравме, но не ги најдовме – изјавил нивниот соборец.

-Потоа подигнавме и дронови, но не најдовме ништо. Ако беа погодени од тенковската граната, ќе најдевме остатоци од нивните тела или опрема, додал тој.

Сомнежите на Украинците подоцна беа потврдени кога на руски канал на „Телеграм“ се појави порака дека двајца Американци се заробени во близина на Харков.

-Би било преголема коинциденција тоа да беше случајно. Тие беа единствените Американци во оваа област, ​​вели нивниот соборец.