Лидерите на Франција, Германија, Италија и Романија денеска ги посетија урнатините на зградите во украинскиот град Ирпин за да ја покажат поддршката што Киев се надева дека ќе ја претвори во конкретни потези.
Ирпин, кој пред руската инвазија имаше 62.000 жители, беше едно од жариштата на борбите со руските сили пред да се повлечат од северна Украина за да се фокусираат на напад на исток.
Украински функционер им објаснуваше на францускиот претседател Емануел Макрон, на германскиот канцелар Олаф Шолц, на италијанскиот премиер Марио Драги и на романскиот претседател Клаус Јоханис што се случувало во разурнатиот град.
Украина тврди дека Русија извршила масовни воени злосторства во Ирпин, што Москва го отфрла.
Четворицата водачи биле во одела и се чини дека немале никаква заштитна опрема, а биле опколени со вооружени војници, јавуваат светските агенции.
Откако видел натпис на еден ѕид „Make Europe, not war“ Макрон рекол дека е „многу трогателно да се види такво нешто“ и оти тоа е „вистинската порака“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски не пристигна во Ирпин, а со четворицата лидери ќе се сретне во текот на денот.
Претходно, пред да се симне од возот во Киев, по цела ноќ возење со воз од Пшемишл, Полска, Макрон рече „ова е важен момент“.
– на Украинците им испраќаме порака за единство, поддршка, разговори за сегашноста и иднината, бидејќи следните недели, како што знаеме, ќе бидат многу тешки, рече францускиот претседател.