За православните христијански верници кои се водат според Јулијанскиот календар денеска почнува Петровденскиот пост во чест на светите апостоли Петар и Павле и му претходи на празникот Петровден, кој секогаш се одбележува на 12 јули. Должината на Петровденскиот пост зависи од празникот Велигден.

Овој пост, еден од четирите повеќедневни пости во текот на годината (Велигденски, Петровденски, Богородичен, Божикен), започнува од првата недела по Духовден, а бидејќи овој празник е со непостојан датум и зависи од Велигден, така и Петровденскиот пост трае различно. Некогаш шест недели, а некогаш само една недела и еден ден.

Целта на постот е да се исчистат духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела.

Овој пост е востановен во чест на светите Господови апостоли. Во овој пост се пости вака: во среда и петок не се јаде масло и вино; во понеделник, вторник и четврток се дозволува масло и вино, а во сабота и недела – масло и риба.

Поважниот пост – духовниот, според Православната црква, подразбира одрекување од секое зло и грев, воздржување од лоши помисли, зборови и дела, покајание и безрезервна љубов кон Бога и кон луѓето.