– Сегашниот предлог за преговарачка рамка, значи дека ќе има една фотосесија на која Ковачевски и Бујар Османи ќе се фотографираат со претставниците на европската комисија и потоа Македонија ќе заглави во бесполезни, внатрешно исцрпувачки дебати за тоа дали треба или не треба да се отвора Уставот, кој добива, кој губи, кој е националист, кој е патриот, кој е предавник и нема да имаме ништо продуктивно од тоа. Ние сме да го следиме словенско-хрватскиот модел на преговори – да се работи на стандардите кои Македонија треба да ги постигне, а земјата членка на ЕУ која што има некаква клучна забелешка и некое клучно барање да се пресретне тоа барање во моментот кога Македонија ќе стане членка на Европската унија. Така Словенија и Хрватска на еден цивилизиран начин го решија нивниот спор и сега се и двете членки на Европската унија и се многу добри соседи. Не може со сила некого да го натерате на квази добрососедство, особено не ако му задирате во идентитетот и самобитноста, рече пратеникот Антонио Милошоски во своето гостување во тема на денот во дневникот на Сител телевизија.
Милошоски додаде и дека ако ги направите клучните отстапки во моментот пред да започнете преговори, вие треба да бидете свесен дека во текот на преговорите ќе добиете уште пет или десет блокади и ќе преговарате со децении и можеби ќе станете, но можеби и никогаш нема да станете земја членка. Затоа, рече Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ смета дека Уставот не е конзерва која што треба да се отвора или затвора според политичките апетити на Каракачанов, Ковачевски на Бујар Османи или Слави Трифонов.