Шефот на генералштабот на украинската армија, генерал Валери Залужни му кажал на неговиот американски колега, генерал Марк Мили дека на Украина очајно ѝ е потребен „паритет во огнената моќ“ со Москва за да ја стабилизира ситуацијата во регионот Луганск во источна Украина, каде што руската артилериска надмоќ доведе до повлекување на украинските сили од градот Северодонецк.

„Разговаравме за оперативната ситуација и протокот на меѓународната техничка помош“, напиша Залужни во онлајн објава по вчерашниот телефонски разговор со Мили.

Киев доби милијарди долари помош од западните партнери од почетокот на руската инвазија врз Украина на 24 февруари.

Сепак, украинските лидери велат дека е потребно многу повеќе, бидејќи Русија продолжува со напредокот, фокусиран на опколувањето на последниот џеб на отпорот во регионот Луганск.

Зошто украинските и руските сили се подготвуваат за долга војна?

Четири месеци од почетокот на војната, на украинските сили им беше наредено да се повлечат од Северодонецк, каде што неколкунеделните улични борби и жестоко гранатирање го претворија градот во урнатини. Украина гледа на повлекувањето како на можност да се прегрупира на нови позиции и да ги ограничи жртвите, додека Русија веројатно на развојот гледа како на значајна победа.

По падот на Севедонецк, каде што стотици цивили остануваат заробени во хемиската фабрика Азот, Лисичанск, кој се наоѓа од другата страна на реката Северски Донецк, ќе остане последниот голем град во регионот Луганск под украинска контрола.

Претходно, руските сили целосно го окупираа Гирске, клучно гратче на 35 километри јужно од Лисичанск.

Шефот на воената администрација во Луганск Сергиј Гајдај на Телеграм објави дека Русија го зазела и селото Миколаивка во близина на клучниот автопат за Лисичанск.

Американски воен претставник, на брифинг со новинарите, изјави дека Вашингтон не сака да ги минимизира украинските загуби на животи и имот, но оти се чини дека неодамнешните придобивки на руските сили биле „ограничени“.

-Русите освојуваат педа по педа територија овде. Но, мислам дека е важно да се размисли за цената што Русија ја плати за оваа многу мала и многу постепена добивка, рече тој.

Жестоките борби ги растегнаа опремата и персоналот на двете страни до крајни граници. Киев постојано бара од Западот повеќе тешко вооружување, а Русија се соочува со сè поголеми тешкотии да донесе квалификуван персонал на линијата на фронтот.

Белата куќа завчера најави дополнителна воена помош за Киев, вклучувајќи уште четири повеќецевни ракетни фрлачи со долг дострел ХИМАРС, десетици илјади парчиња артилериска муниција и патролни чамци. Вредноста на пакетот е 450 милиони долари, соопшти портпаролот на Белата куќа Џон Кирби.