Претседателот на Собранието Талат Џафери оствари средба со европратениците, членови на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ, кои учествуваат на 19. состанок на ова заедничко тело за парламентарен дијалог меѓу пратениците на Собранието и на Европскиот парламент. На средбата беа присутни и Соња Мираковска, во својство на копретседавач на Мешовитиот парламентарен комитет и Цветанка Иванова, генерален секретар на Собранието.
-Претседателот Џафери упати благодарност до Европскиот парламент што во континуитет покажува јасна политичка волја и посветеност за европската иднина на земјите од Западен Балкан и изрази надеж дека 19. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ќе биде одлична можност пратениците од двете страни да разменат мислења за најважните аспекти на меѓусебните односи и на тој начин да придонесат кон зајакнување на меѓусебното партнерство. Во однос на евроинтеграцијата на Република Северна Македонија истакна дека, иако земјата ги исполни условите и тоа беше потврдено со одлуката на Европскиот совет од 21 март 2020 година за безусловен почеток на преговорите за членство, тоа не се случи поради ветото на Бугарија. Сепак, изрази надеж дека од она што е на маса би можело да се постигне договор, а при тоа билатералните прашања да се решаваат билатерално, соопшти Кабинетот на Џафери.
Нагласувајќи дека Европската унија се заснова на почитувањето на сите, претседателот на Собранието посочи дека решението би требало да се бара во тој правец и потсети дека земјата во целост ја усогласи својата надворешно-политичка и безбедносна политика со онаа на Унијата и постигна висок степен на усогласување на законодавството со европското, но и дека поради одложувањето на почетокот на преговорите, поддршката на јавноста значително опаѓа.
Европратеничката Ирена Јовева, која доаѓа од Словенија, а има македонско потекло, истакна дека Европскиот парламент дава целосна поддршка за почеток на преговорите и изрази надеж дека тоа наскоро ќе се случи. Таа информираше дека е претседател на Групата на пријатели на Република Северна Македонија во Европскиот парламент и го пофали спроведувањето на реформите во земјата, нагласувајќи ја притоа важноста од политички дијалог и комуникација со јавноста.
Известителот за Република Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќјучук, се наведува во соопштението, ја пофали работата на Собранието и усогласувањето на надворешната политика на земјата со онаа на ЕУ во однос на санкциите кон Русија и притоа истакна дека партнерите во ЕУ високо ја ценат неодамнешната посета на претседателот на Собранието, Џафери на Киев.
-Тој исто така ја нагласи важноста политичките партии да соработуваат кога се во прашање стратешките интереси на државата, како што е европската интеграција, соопшти Кабинетот на претседателот на Собранието.