Транспортерите од ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина од денеска го прекинаа превзоот на стоки и го бојкотираат полнењето гориво во возилата во знак на протест што властите не прават ништо за да ги ограничат неконтролираните цени на тој енергенс.
Претседателот на Здружението на транспортери за внатрешен и меѓународен транспорт на Република Српска, Никола Грбиќ, за медиумите потврди дека автопревозниците ги паркирале камионите и ја прекинале доставата на стока.
-Бојкотот за полнење гориво почнува денеска и не товараме роба на сите дестинации, а ќе трае 10 дена, рече Грбиќ.
Компаниите за патен транспорт се одлучија на тој потег поради високите цени на горивата. Просечната цена на литар гориво на бензинските пумпи во БиХ е околу 3,66 марки.
Првиот човек на Здружението на транспортери за внатрешен и меѓународен транспорт на Република Српска оцени дека транспортните компании се во многу тешка положба поради високите цени на горивата.
-Тоа ќе ни предизвика големи загуби, но ние сме принудени, додаде Грбиќ.
Слични протести најавија и колеги од ентитетот Федерација БиХ.