Во клубот на пратениците попладнево имаше средба на работната група на парламентарните партии во обид да усогласат заклучоци за францускиот предлог.
Павле Трајанов го побарал на увид билатералниот македонско – бугарски протокол. За документот, министерот за надворешни работи Бујар Османи даде изјава дека е усогласен, но министерот за правда Маричиќ рече дека протоколот не е уште конечен и нема мандат да го сподели на средбата.
-Пролонгирање на процесот и закажување на собраниска седница за францускиот предлог по усвојувањето на ребалансот на Буџетот, оставање простор на околу десетина дена за сериозна расправа со цел да се видат сите аргументи и ставови на партиите за да се донесат заклучоци, кои ќе бидат пошироко поддржани во законодавниот дом, предлага лидерот на ДС, Павле Трајанов. Заклучоците, како што појасни, треба да ја обврзат Владата да направи обид она што е содржано во нив да го вгради во преговарачката рамка и во другите документи, а доколку не успее тоа би значело дека не може да даде согласност за предлогот.