Во текот на денешниот ден или најдоцна утре на Електронскиот национален регистар на прописи – ЕНЕР ќе биде прикачен еден прилично значаен законски текст, односно драфт верзија на Кривичниот законик, информира министерот за правда Никола Тупанчески на денешната прес-конференција.

Тој појасни оти станува збор за еден од позначајните законски текстови и акти.

–Решивме концепциски тоа да биде на линија или согласно стратегијата за реформа на правосудниот сектор, да не се оди сегментарно во измените на Кривичниот законик, туку напротив, да се донесе комплетно нов Кривичен законик, кој ќе ги опфати сите сегменти на општественото живеење во државата, појасни Тупанчески.

Тој додаде дека била формирана помала група, прво во септември 2019 година, а потоа уште една во декември 2020 година, којашто, според него, прилично напорно работеше интензивно во изработка на Кривичниот законик.

Покрај претставници од Министерството за правда, во рамки на групата со околу 40 членови учествувале и претставници од академската заедница, професори, претставници од невладиниот сектор, претставници од Јавното обвинителство, судството, МВР и сите засегнати страни, кои можат да дадат придонес во однос на подготовката на новиот Кривичен законик. Тупанчески посочи дека и меѓународниот фактор има значаен импакт во изработката.

Ова, како што рече министерот, е само прва фаза во однос на завршната драфт верзија, меѓутоа и почетна каде што ќе може секоја заинтересирана страна да се произнесе во однос на законските решенија коишто се предвидени.

–Идејата ни е да биде прикачен на ЕНЕР системот во текот на денешниот или утрешниот ден, а потоа во зависност од решенијата или предлозите коишто ќе бидат добиени од секоја заинтересирана страна да може да се направат потребните, неопходните корекции за да се добијат оптимални решенија, рече Тупанчески, кој верува дека во иднина ќе се организираат голем број на трибини и тој текст ќе биде отворен за анализа, како и за давање на конструктивни предлози за да се стигне до најоптимално решение.

Министерот посочи оти воделе сметка и за дефектите или аномалиите кои досега биле констатирани во досегашната употреба на Кривичниот законик, и истите биле коригирани.

–Решенијата се на линија на сите европски стандарди, имплементирани беа сите меѓународни документи и верувам дека ова е добра појдовна основа за добра дискусија без ракавици да стигнеме до еден добар текст, којшто ќе има подолг век од оној што беше од 1996 година. Сето тоа ќе биде во функција на афирмација на начелото на правна сигурност од една страна владеењето на правото, меѓутоа многу е важно Кривичниот законик да има и прагматичен контекст да биде апликабилен, нагласи Тупанчески.

Работната група, како што додаде министерот, работеше три години на овој законски текст. Раководител на работната група за подготовка на Кривичниот законик беше академик Владо Камбовски.

Прашан дали за одредени кривични дела ќе има зголемување или намалување на казните, Тупанчески рече оти реагирале концепциски затоа што се судриле со многу апсурдни, дури и комични ситуации, односно некои лесни кривични дела имаат тешки казни и обратно.

–Во таа насока беше комплетно ревидиран системот на пропишување санкции, односно казнената политика. Одредба по одредба се одеше и стигнавме до еден конзистентен систем каде главниот стандард или критериум беше да го одмеруваме хируршки прецизно колкав е квалитетот и квантитетот на неправото, рече Тупанчески, додавајќи оти имало најразлични идеи за членот 353, односно злоупотреба на службената положба и овластување и во однос на тоа имале широка дискусија.