Очекувам сите политички партии да бидат на ниво на својата одговорност и да повикаат на мирни протести. Заеднички да го сочуваме достоинството на нацијата, а притоа да се спречат немири кои би значеле нови поделби на штета на граѓаните и државата, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во пресрет на најавениот протест за вечерва, што како и во изминатите пет дена е со цел отфрлање на предложената преговарачка рамка за деблокада на македонските евроинтеграции.
Во неговиот апел до граѓаните и политичките партии кои сакаат да го искажат своето право на протест, Спасовски побара тоа да го сторат на начин преку кој ќе демонстрираат демократски капацитет, со должно почитување на законските одредби за јавни собири, како и почит кон должноста на полициските службеници во обезбедувањето на мирот и стабилноста.
– Сакам да бидете уверени дека никој нема намера да спречи право на мирен протест, тоа е она што се очекува во една демократија. Нападите кои имаат за цел да предизвикаат меѓуетнички препукувања и ескалации од друг тип, на никој начин не можат да придонесат во демократско општество, туку напротив, претставуваат сериозен удар за демократијата и со тоа нема ништо да се постигне, посочува тој.
Според него, тоа е спротивно на сѐ она за кое, како што рече „се залагаме во градењето на нашата држава“.
-Да повредиш полицаец, значи да кренеш рака врз државата, врз синот и братот кои извршуваат службени дејствија со цел гарантирање на сигурноста и безбедноста на сите. Повикувам на свесност и одговорност во протестите – нека победи разумот!, истакнува Спасовски во апелот.