Поранешниот македонски амбасадор во НАТО Мартин Треневски вечерва од протестот против прифаќањето на францускиот предлог истакна дека сите претседатели на Франција во изминатите 30 години, од Митеран до Макрон, прифаќале да бидат измеќари на македонските соседи и постојано и ставале пречки на Македонија во нејзиниот развој и станувањето рамноправна членка на ЕУ. Посебно се осврна на актуелниот претседател на Франција, за кого рече дека треба да се срами од сопственото однесување.
„Господине Макрон, Вашата учителка а сега сопруга ве учеше балет, поезија и не знам што, меѓутоа не научивте ништо од историјата господине претседателе. А, да Ве потсетамбдека 200 години француските кралеви полагаа заклетва пред Бога на библијата од Манс, која што Вие не ја разбиравте, а не ја разбиравте затоа што беше напишана на македонска глаголица. Најверојатно создадена во некој од македонските манастири за време на цар Самуил. Научете ги тие лекиции, господине претседателе. Ние Ви ги чуваме илјадниците гробови на француските војници кои загинаа на Кајмакчалан, на Македонскиот, а не на Солунскиот фронт. Ред е да покажете малку респект кон овој народ кој има почиит кон тие жртви кои загинаа во Првата светска војна“, рече Треневски.
Во своето обраќање пред насобраните, Треневски рече дека „со полна одговорност може да тврди дека во моментот Македонија нема поголем непријател од Бугарија“. Тој побара од Бугарија да плати репарации за Втората светска војна.
„Бугарија ѝ должи на Македонија милиони долари отштета за сите злосторства што ги направи во текот на 4 години фашистичка окупација на две третини од Македонија. Тоа беше решено на Мировната конференција во Париз од 1946 година, но некој без да го праша македонскиот народ за согласност одлучи да им ги прости тие пари во име на добрососедството. Треба да ни ги вратат и реликвиите кои што ни ги украдоа од сите манастири и круната на охридските архиепископи која сега е во Софија“, посочи Треневски.
Треневски како поранешен министер во првата Влада на Македонија по независноста истакна дека во составот на Кабинетот на Кљусев сите членови биле за слободна и независна Македонија, освен еден министер.
„Тој еден, за жал неговиот татко ја напиша македонската химна, а тој даваше изјави до пред некој месец дека се чувствувал Бугарин. Истиот тој сега е советник за надворешна политика на Стево Пендаровски. А Стево Пендаровски прв ја пофали модифицираната француска верзија, која стручната јавност оцени дека ќе направи ненадоместлива штета“, потенцира Треневски.
Тој во свооето обраќање пред зградaта на Собранието побара македонските граѓани да не седат дома и пред телевизорите, туку да се придружат на протестите и да ја урнат Владата на истиот начин како што беше турната онаа на Цветковиќ и Мачек од 1941 година.