Регионално поврзување на земјата со европските железнички коридори и отворање на нови европски рути за железнички превоз се дел од придобивките од изградбата и реконструкцијата на пруги на коридорите 8 и 10 за што денеска во Владата беа потпишани договори.

Станува збор за инвестиција од 200 милиони евра со која се планирани ревитализација на Коридорот 8 на делницата Куманово – Бељаковце, делницата Бељаковце – Крива Паланка, како и ремонт на делницата Ногаевци – Неготино на Коридорот 10. Вкупно ќе бидат опфатени околу 96 километри.

– Ова е последниот од неколкуте големи инфраструктурни проекти со кои се заокружува идејата за Северна Македонија како раскрсница на Балканот, а кој ќе овозможи регионално поврзување и интеграција на Република Северна Македонија во европските железнички коридори. Инвестицијата воедно ќе обезбеди отворање на нови европски рути за железнички превоз и ќе нѐ поврзе со пристаништата во Албанија и Бугарија. Регионалното поврзување од овој тип е исклучително важен момент за нашата економија, истакна премиерот Димитар Ковачевски на потпишувањето на договорите.

Со оваа инфраструктурна инвестиција, како што посочи, се отвораат и обезбедуваат нови пазари за домашните компании, а алтернативните рути што ги обезбедува оваа инвестиција ќе значат и поевтин транспорт за компаниите, намалувајќи го товарот врз стопанството кое го носи економската и енергетска криза во која се наоѓаме.

– Со рехабилитациските зафати на Коридорот 8 по речиси 30 години, железничката пруга која ја поврзува Република Северна Македонија со Република Бугарија станува реалност. Овој проект ќе биде од пошироко значење и за стопанството, за бизнисот, но и влог во европската агенда за функционално железничко поврзување на целиот регион. Пристапувањето во Европската Унија покрај тоа што е политички процес, воедно е и процес на инфраструктурно и економско поврзување. Овој процес се движи паралелно и е подеднакво важен бидејќи носи опипливи придобивки врзани со подобрување на бизнис климата но и со подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, рече Ковачевски.

Според него, импактот којшто инвестицијата ќе го има врз развојот и реформите во железничкиот сектор се несомнени.

– Реформите се долг процес, но тие претставуваат неопходен предуслов за железнички транспорт каков што сите посакуваме: подеднакво развиен, безбеден, брз и еколошки како и во земјите на Европската Унија. Придобивките од развиениот железнички транспорт се неколкукратни и затоа сите ние треба да продолжиме да работиме на модернизација на железницата преку заеднички проекти со нашите партнери од ЕУ со цел ефикасна и модерна железничка мрежа во регионот, порача Ковачевски.

Изрази задоволство што потпишувањето на договорите следува по вчерашниот историски ден за земјата.

– Храбрите, тешки и патриотски одлуки кои ги донесовме, од денес се преточуваат во конкретни проекти кои ќе обезбедат севкупен развој. Она што е важно, е дека имаме јасна визија за иднината, ја движиме државата напред. Северна Македонија економски, политички, општествено ќе се развива, а денешните и идните генерации градиме демократско, европско општество во кое граѓаните ќе се економски напредни со подобрен квалитет на живот, рече Ковачевски.