Се губи време без да се превенираат последиците од енергетската криза која сигурно силно ќе не погоди оваа зима.
Пасивното однесување на власта доведува до чуството на загрозеност и неизвесност кај македонските граѓани и компании како ќе ја поминат зимата, вели за Лидер економскиот аналитичар Павле Гацов.
Државата треба да се фокусира на целосно пополнување на сите државни и приватни ресурси со нафта и гас, полнење на капацитетите на електраната Неготино со мазут, зголемен ископ на јаглен за РЕК Битола и напори за активирање на третиот блок кој со години не работи…смета Гацов, преку кои би се намалила загриженоста на граѓаните и на компаниите.
Лидер: Дали граѓаните може да се чуствуваат безбедни или загрозени за престојната зима? Дали државата презема нешто да ја ублaжи енергетската состојба а со тоа да обезбеди сигурност кај граѓаните?
-Се чини дека земјите-нето извозници на електрична енергија се обидуваат да профитираат на грбот на земјите кои имаат дефицит со домашно производство на струја, да ги покријат трошоците за зголемените набавни цени на гасот и нафтата како ресурси од кои се произведуваат дел од струјата која потоа ја користат и ја извесуваат. Токму извозот по вакви високи цени треба да го амортизира ударот на кризата на овие земји – извозници на електрична енергија.
Цените на електричната енергија надминуваат 500 евра за мегават и се речиси десекратко повисоки од оние цени пред енергетската криза.
Се разбира дека во вакви услови чуството на загрозеност и неизвесност станува секојдневие, како за македонските граѓани, така и македонските компании. Дополнително за граѓаните на град Скопје, неизвесноста ја зголемува и нерешеното управување со системот на затоплување на домовите.
Надлежните се однесуваат прилично комотно и неактивно. Наместо да преземаат мерки и активности за целосно пополнување на сите државни и приватни ресурси со нафта и гас, полнење на капацитетите на електраната Неготино со мазут, зголемен ископ на јаглен за РЕК Битола и напори за активирање на третиот блок кој со години не работи, како и напори за увоз на јаглен како резерва за зимските месеци на работење, и се разбира целосно да го либерализираат и субвенционираат градењето на фотоволтаици, се губи време без да се превенираат последиците од енергетската криза која сигурно силно ќе не погоди оваа зима. Со евентуалното преземење на вакви проактивни мерки, и загриженоста на граѓаните и на компаниите би била помала.
Лидер: Можни ли рестрикции на електрична енергија и дали е потребно штедење на истата ?
-Штедењето секако е сигурна опција, имено превисоката цена на енергијата ќе ги натера на штедење и граѓаните и компаниите. Оние што нема да штедат ќе плаќаат многу поскапо од лани што пак ќе има силен одраз на нивниот домашен буџет, односно на компаниската успешност.
Рестрикциите се последна опција и само во услови кога би имало поголем недостаток на електрична енергива во регионот. Електрична енергија се чини ќе има, особено ова е поизвесно после најавата за активирање на капацитетите во некои земји кои заради еколошки причнини беа затворани, но нејзината цена ќе остане превисока за земјите со дефицит на домашна енергија каква што е Македонија. Децениското неинвестирање во енергетскиот систем сега ни укажува на нашите стратегиски грешки во минатото и за несериозноста на приказните поврзани со Чебрен и Галипте, Вардарска долина .. кои и денес се раскажуваат. Пропуштените шанси за производство на струја од сонцето и ветерот е само потврда за аматеризмот со кој се водел енергетскиот сектор со децении.
Лидер: Колку економските мерки на Владата инкорпорирани во ребалансот на Буџетот ќе помогнат да обезбедат подобар животен стандард во време на повеќеслојна криза?
-Економските мерки на Владата овој пат се таргетирани кон најпогодените, односно најсиромашните и тие треба на нив да им помогнат да го премостат кризниот период. Останатите ќе се снаоѓаат низ секојдневна борба за задржување на своите позиции, односно намалување на губењето на економскиот статус кој веќе е извесен за сите економски субјекти, кои немаат привилегирани позиции.
Засега мерките за кои се издвоени пари во ребалансот на Буџетот не се познати. Го очекуваме нивното објавување, се разбира по претходни консултации со сите засегнати страни и направени анализи со кои ќе се оправда донесувањето на мерките.