Луѓето кои често придремуваат дење, имаат поголема веројатност да развијат висок крвен притисок и да доживеат мозочен удар, според ново обемно истражување објавено во списанието „Хајпертенжн“ (Hypertension).

Учесниците во испитувањата кои вообичаено дремат во текот на денот, имале 12 отсто поголеми шанси да развијат висок крвен притисок – долгорочно и 24 отсто поголема опасност да доживеат мозочен удар, во споредба со луѓето кои немаат навика да дремат… Кај лицата помлади од 60 години, дневното дремење ја зголемува можноста од развој на висок крвен притисок за 20 отсто во споредба со луѓето кои никогаш или ретко задремуваат преку ден, според научниот труд на Американското здружение за срце (АХА).

При трудот се користени податоци од 360.000 лица кои дале податоци за нивните „навики за дремење“ до „Ју-кеј биобанк“ (UK Biobank) – голема биомедицинска база на податоци којашто ги следела жителите на Обединетото Кралство од 2006 до 2010 година.

Здружението АХА неодамна го додаде времетраењето на спиењето како една од осумте основни индикатори за оптималното здравје на срцето и мозокот.

– Резултатите покажуваат дека дремењето ја зголемува инциденцата на висок притисок и мозочен удар, откако ќе се прилагодат или разгледаат многу варијабли за коишто се знае дека се поврзани со кардиоваскуларните болести и опасноста од мозочен удар, изјави д-р Филис Зи, директорка на Центарот за деноноќна медицина и спиење на Медицинскиот факултет „Фајнберг“ при Нортвестерн универзитет во Чикаго.

Повеќе од луѓето во студијата кои редовно дремеле, исто така пушеле цигари, пиеле секојдневно, ‘рчеле и имале несоница.