Две години кампања за 1 000 денари повисока плата на полициските службеници. Претседателот на Синдикатот на Полицијата во Македонија-СПМ, Орце Коцев вели дека оваа толку фалена и попмезно најавувана владина одлука во најмала рака е срамна, бедна и понижувачка.
Нема НИКАКВО ПОКАЧУВАЊЕ, вест каква што сакаат да ни ја продадат Владата и Министерот Спасовски, постои само ПОРАМНУВАЊЕ на платите во Полицијата со минималната законска плата, а тоа е законско право како и избегнување на можноста од тужби во иднина, тврди Коцевски.
Таканаречено 5 процентно зголмување на платата во никој случај нема да ги задоволи потребите на полицискиот службеник во време на ваква криза и инфлација.
Токму ниските плати од високо ценета и рангирана професија, ја доведоа полицијата до работ на целосно непочитувана и непосакувана работа, додава Коцевски и вели дека полициски колеги секојдневно го напуштаат Министерството во потрага за подобар живот .
СПМ бара повисоки плати за пристоен и достоинствен живот, со што пресметката на плата би била 1 евро за 1 бод. На пример ако бодовите на полицискиот службеник се 500 во иднина истиот да зема 500 евра плата.
Лидер: Вработените во МВР од септември ќе добијат повисока плата за 5%. Вчера Владата го задолжи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да ги преземе сите потребни активности за реализација на покачувањето платите. Дали членовите на Синдикатот на полицијата во Македонија се задоволни од оваа одлука ?
-Ова вчера што го објави Владата и Спасовски како Министер прикажувајќи го како огромен успех и достигнување, јас само ќе пренесам да ги видите коментарите на социјалните мрежи и се ќе ви биде јасно. Од стотици коментари нема ниту еден позитивен коментар што го оправдуваат ова мизерно и понижувачко покачување на платите. Тука ќе кажам дека не само членовите на Синдикат на Полиција во Македонија туку сите вработени се незадоволни со ваквото покачување во моменти на ваква брзорастечка криза и инфлација кога буквално дојде ситуација за борба за живот и прехрана. Замислете дека скоро две години МВР прави кампања, фалења,пресови, гостувања, пропаганди и дојдовме до тоа платите да бидат зголемени за околу 1000 денари? После тој циркус што го направија заедно ССМ и Владада и однапред подготвеното сценарио да не успее барањето за 2806 денари за цела администрација, зар некој би бил задоволен после ова понижување кое е сторено кон Полицијата?
Лидер: За колкава сума ќе биде зголемувањето и дали ова 5% покачување ќе ги задоволи потребите на полицискиот службеник во време на повеќеслојна криза?
– Искрено, срамно, бедно и понижувачки е да зборуваме денес за толку спомнувано и фалено, толку напумпувано со пропаганда зголемување на платите за 5% во месец Септември оваа година. Јас тука ќе бидам конкретен и прецизен за да разберат колегите а и Македонската јавност. Сега во моментов платата на полицискиот службеник изнесува точно 22.787 денари а со покачувањето за некој месец платата за полициски службеник ќе изнесува точно 23.883 денари значи околу 1.100 денари покачување. Само да појаснам за јавноста во оваа сума од 23.883 денари влегува и додатокот од 30% овластување заради посебниот ризик на работното место. Значи ако го одбиете и овој додаток од 30% ќе дојдете до некоја сума близу 18.000 денари колку што во моментот изнесува минималната просечна плата во Република Македонија. Со ова доаѓаме до заклучок дека во конкретниот случај немаме НИКАКВО ПОКАЧУВАЊЕ, вест каква што сакаат да ни ја продадат Владата и Министерот Спасовски, постои само ПОРАМНУВАЊЕ на платите во Полицијата со минималната законска плата, а тоа е законско право како и избегнување на можноста од тужби во иднина. Сето ова кое се пласира во јавноста како некое покачување е ЛАГА и манипулирање во јавноста. Полицијата последните години од една ценета и високо рангирана професија е доведена на работ на целосно непочитувана и непосакувана професија баш поради ниските плати. СПМ смета дека Спасовски и Владата со ова срамно покачување го понижува работникот во Полицијата и тоа во никој случај нема да ги задоволи потребите на полицискиот службеник во време на ваква криза и огромна инфлација.Од тие причини бројот на полициски колеги кои секојдневно го напуштаат Министерството во потрага за подобар живот е се поголем.
Лидер: Кои се барањата на СПМ за подобар животен стандард и поголемо достоинство на професијата полициски службеник?
-Денес за жал сеуште некаде имаме полициски објекти каде полициските службеници немаат основни услови за работа, немаат затоплување, вода, санитарни чворови, да не зборуваме дека десетици години наназат немаат заштитни средства за работа, возила итн. Запрашајте се дали полицискиот службеник вреди да го ризикува сопствениот живот за оваа понижувачка основна плата со покачувањето од 5% за сума од 18.000? Затоа ќе кажам на полицискиот службеник МУ ТРЕБААТ ПОВИСОКИ ПЛАТИ за пристоен и достоинствен живот.
Барањата на СПМ се едноставни а тоа е барањето за 1 евро – 1 бод. Тоа значи дека колку бодови во моментот има полицискиот службеник, толката сума да зема по основ основна плата пресметана во евра. Пример ако бодовите на полицискиот службеник се 500 бодови во иднина истиот да зема 500 евра плата во денарска противредност, нешто што во овој момент е возможно и зависи исклучиво од желбата или волјата на првиот човек во МВР согласно одредбите од Законот за внатрешни работи. Ако навистина како што прикажува во јавноста целта му е задоволна полиција – еве на каков начин ќе ја направи колку толку задоволна. Се е во рацете на првиот човек на МВР- Министерот за внатрешни работи.
Лидер: Каков е дијалогот со раководството на МВР? Дали Министерот има слух за потребите и барањата на полициските службеници?
-Ако прашувате каков е дијалогот на Министерот со нас како Синдикат веднаш ќе кажам дека него го нема односно не постои. Ова го велам затоа што и после десетици и десетици писма со барање за средба, Министерот сеуште на секаков начин одбегнува да не прими. Причината е тоа што Синдикат на Полиција во Македонија-СПМ ја кажува вистината за Министерството за внатрешни работи онаква каква што таа е навистина а не со извртување на факти и невистини. Дијалог „постои“ само со еден синдикат кој што се самопрогласнува дека е единствен репрезентативен и заедно до раководството на МВР во изминативе години направија непоправлива штета на работниците непочитувајќи го Колективниот договор на МВР по многу основи. За прашањето дали има слух за барањата на полициските службеници ќе кажам дека НЕМА. Потребите на полициските службеници се огромни заради недостатоците при секојдневното работење но оваа тема ќе ја оставиме за друг пат. На самиот крај ќе кажам дека она што секојдневно некој сака да го прикаже пред јавноста дека е најдобар е „лажна слика“ за моменталната слика со која се соочува Македонскиот полицаец при секојдневното работење.