Заедничкиот координативен центар за контрола на украинскиот извоз на жито преку Црното Море, договорен со спогодбата на Украина и Русија со посредство на Турција и ОН, официјално е отворен во Истанбул.

Продолжуваат подготовките за прифаќање на првите пратки кои со брод ќе тргнуваат од украинските пристаништа во согласност со договорот на ОН за извоз на украински житарки, изјави денеска турскиот министер за одбрана Хулуси Акар, отворајќи го Центарот за контрола на извозот во Истанбул.

Акар рече дека целта на мониторинг центарот во Истанбул е да гарантира безбедна испорака на жито од три украински пристаништа, каде што чекаат повеќе од 25 милиони тони жито.

Центарот се наоѓа во воена зона и ќе го водат „пет претставници од Русија, Украина, ОН и Турција, како и војници и цивили“, објасни турскиот министер за одбрана Хулуси Акар за време на кратката церемонија.

„Сите што ќе работат тука се свесни дека очите на целиот свет ќе бидат вперени во нив, бидејќи центарот има посебно значење за светот“, рече тој и додаде дека се надева оти центарот „на најдобар можен начин ќе придонесе за задоволување на хуманитарните потреби и глобалниот мир“.

Турскиот министер за одбрана рече и дека во оваа фаза нема потреба од деминирање на пристаништата. Според него, конвоите ќе тргнуваат од украинските пристаништа Одеса, Черноморска и Јужна.

Украинската морнарица соопшти дека овие три украински пристаништа „продолжиле да работат“.

Во согласност со договорите потпишани меѓу Русија и Украина со посредство на Турција и под покровителство на ОН, Центарот за извоз на жито ќе биде одговорен за проверка на бродовите што поаѓаат или пристигнуваат во Истанбул. На овој начин ќе се гарантира дека бродовите превезуваат само жито.

Украинските посеви, особено пченицата, која е блокирана во пристаништата поради руската инвазија на Украина на 24 февруари, недостасува на светските пазари.

Турските власти соопштија дека првите бродови се очекува да ги напуштат украинските пристаништа на крајот на неделата.