Нигериски мигрант бил убиен во центарот на град во централна Италија.
Нападот се случил во петокот на улица во италијанскиот град Чивитанова Марке.
Кобниот напад го снимил случаен минувач со мобилен телефон, но не интервенирал да му помогне на нападнатиот. На видеото се гледа како нигерискиот трговец неуспешно се брани од нападот.
Полицијата уапсила 32-годишен Италијанец осомничен за убиството и за разбојништво.
Видеото од нападот, кое молскавично се прошири низ италијанските медиуми и социјалните мрежи, шокираше многу Италијанци, кои беа згрозени од рамнодушноста на лицето кое го снимало нападот.
Околностите за убиството се уште не се разјаснети, јави Би-Би-Си.
Убиениот е идентификуван како Алика Огорчукву, оженет татко на две деца. Неговата сопруга Чарити Оријачи не можела да ги задржи солзите кога им се обратила на медиумите, на кои им раскажала како на улица ѝ го покажале безживотното тело на нејзиниот сопруг.
Денеска стотици членови на нигериската заедница излегоа на улиците на Чивитанова Марче и побараа правда, а убиството го осудија и италијанските политичари. Енрико Лета, лидер на левичарската Демократска партија, го опиша убиството како „застрашувачко“.
„Грозен напад. Целосна рамнодушност на минувачите. Нема оправдување за ова“, напишал Лета на Твитер.