Борбата на еден народ не престанува со еден историски чин. Тоа е процес, континуитет, чувство што треба да го има секој од нас, истакна градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков.
Честитајќи им го Денот на Републиката, 2 Август на охриѓани и сите граѓани на Република Македонија, им оддаде почит на хероите кои ги поставија темелите на државата.
– Илинден е ден кога славиме и се потсетуваме на голем број револуционери и борци за независна Македонија, кои со својата крв ги испишаа најславните страници од историјата на македонскиот народ. Празнувајќи го овој датум, да им се заблагодариме и да им оддадеме почит на сите знајни и незнајни херои од нашата историја, зошто врз темелите што тие ги поставија опстојува Република Македонија, рече тој.
Нивниот пример, нагласи, е обврска за секоја идна генерација безусловно да ја води својата борба, за напредна, поуспешна и просперитетна Македонија.
Двата Илиндена, 1903 и 1944, подвлече, ја симболизираат борбата за сопствена држава, благодарение на што денес живееме во самостојна, демократска и независна Република Македонија.
– И денес гордо одиме по патот зацртан со Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ негувајќи ги идеалите за слободна, демократска и независна Република Македонија, потенцира Пецаков.
Пецаков беше дел од делегацијата на Општина Охрид што денеска се поклони пред спомен обeлежјата на Илинденците во Градскиот парк. Делегација на Општината положи цвеќе и пред спомен обележјето на Илинденците кај Прентов мост, како и на споменикот во село Плаќе, каде што се одржа историски час и културно-уметничка програма посветена на празникот.