Граѓаните на Србија, Македонија и Албанија, благодарение на поврзувањето на националните електронски системи на овие земји во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, по првпат ќе можат слободно да пристапат до единствениот пазар на трудот, изјави денеска директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за ИТ и е-Управа Михаило Јовановиќ.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Јовановиќ за денешното издание на весникот „Вечерње новости“ објасни дека граѓаните ќе имаат можност да се вработат во една од тие три земји без никакви дополнителни документи, работни визи и посебни дозволи.
Тој додаде дека денеска сите информации за јавната администрација во Србија се достапни онлајн и за граѓаните се на услуга седум дена во неделата, 24 часа дневно.
Зборувајќи за пазарот на информатичко-комуникациските технологии (ИКТ) во Србија, Јовановиќ рече дека во моментов на тоа поле се вработени 92.000 луѓе, но дека пазарот се уште е „гладен“, односно да постои „огромен дефицит во тој сектор“.
-Очекуваме дека извозот на ИКТ секторот годинава ќе надмине 2,5 милијарди евра и е поголем од извозот на земјоделството, рече Јовановиќ.