Потребни се итни измени на Законот за здруженија и фондации во кој недвосмислено правно ќе се уредат нивните називи, вклучувајќи ја и постапката за регистрација на називи што вклучуваат историски настани и личности, информираат од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
– За жал, како држава, од неодамнешното именување на клубот во Битола според историски докажан соработник на нацистичкиот режим, не извлековме поука. Потребни се итни измени на Законот за здруженија и фондации во кој на недвосмислен начин правно ќе се уредат нивните називи, вклучувајќи ја и постапката за регистрација на називи што вклучуваат историски настани и личности, соопштија од Кабинетот на претседателот Пендаровски за ТВ 24 во врска со новоформираните бугарски здруженија во земјава.
Од Кабинетот посочуваат дека за таа цел е потребно да се определи надлежна институција што ќе дава задолжителна согласност во постапката за регистрација, со претходна изработка на регистар на историски личности кои недвосмислено биле асоцирани со расистички идеологии, а не како досега, преку согласност на нивен роднина или наследник да може да се регистрира здружение со име на личност што неспорно ги повредува чувствата на дел од македонските граѓани.
-Во постојните прописи и покрај правните празнини и недоречености, постојат правни можности за реакција на институциите и тие треба да дејствуваат во таа насока без да си ја префрлаат одговорноста, наведува Кабинетот.
Во април годинава во Битола беше отворен Културниот центар „Ванчо Михајлов“, но за два месеца, во јуни, објектот беше опожарен. Овој месец, пак, повеќе институции во земјава реагираа за регистрацијата на Здружението „Цар Борис Трети“ во Охрид. Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија пред неколку дена соопштија дека со регистрацијата на ова здружение во нашата држава се глорифицираат нацизмот, фашизмот и се шири говор на омраза. На социјалните мрежи, како што објавија некои медиуми, веќе се споделува информација дека и во Богданци се подготвува ново бугарско здружение кое според најавите треба да го носи името на Цар Фердинанд, татко на Царот Борис III.