На 15 секој месец, почнувајќи од септември, сметките за струја на државните институции ќе бидат јавно објавувани. Целта е, не само граѓаните да имаат увид во потрошувачката, туку и да се знае дали се испочитувани владините задолженија за заштеда до 15 отсто.
Извештаите на институциите за потрошената електрична енергија ќе ги објавува Министерството за економија.
-Јавноста ќе има увид која институција колку струја потрошила. Секој месец ќе се објавуваат извештаите за потрошувачката на државните институции, и за сегашната и за претходната година, за да се согледа споредбата. Раководителите ќе бидат одговорни за мерките, но и јавноста ќе има пристап, односно увид во потрошувачката. Така ќе видиме како постапиле раководителите. Ако не водат сметка и не ги реализираат препораките за заштеда до 15 отсто, ќе сносат последици, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој денеска на прес-конференција соопшти дека Владата донесе мерки за заштеда на струја до 15 отсто – за домаќинствата и компаниите се предвидени препораки, а за државните институции конкретни задолженија кои мора да се испочитуваат зашто во спротивно ќе следуваат санкции.
Исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, гаснење сијалици кога има доволно дневна светлина, ладење со клими на не пониско од 27 степени и греење на не повисоко од 20 степени, исклучување на компјутерите по работата, редовно менување на филтрите на грејните тела и клима уредите, печатење само на потребните материјали, замена на прозорците со енергетски ефикасни, се само дел од задолженијата за државните институции.
На домаќинставата им се препорачува вклучување бојлер само кога има потреба од топла вода и по можност на евтина струја, разумно користење на грејните тела, рационална употреба на сијалици и користење повеќе дневно светло, изолирање на таваните, надворешните ѕидови и прозорците,…
За бизнис заедницата укажувањата се: да се исклучи декоративното осветлување на фасадите на сите објекти, да не се користи осветлување во внатрешните простории, халите и канцелариите во објектите во период кога има доволно дневна светлина, рационално греење и ладење со клима уредите, редовно менување на филтрите на грејните тела и клима уредите, инсталирање интелигентни системи за управување во електромоторните погони, замена на старите сијалици со компактни флуоресцентни, примена на нови технологии во подобрување на енергетските перформанси на индустриските постројки,…
Препораките и задолженијата ќе бидат во сила од 1 септември 2022 до 31 март 2023 година.