Русија беше подготвена да ја запре војната во Украина, а за возврат бараше гаранција за неутралност, изјави Фиона Хил, експерт за надворешна политика на САД.
Повикувајќи се на свои извори, таа рекла и дека мировниот договор можел да биде постигнат уште во април.
Хил, која е ветеран на дипломатијата и која беше виш директор на Советот за национална безбедност на САД задолжен за Европа и Русија во времето на американскиот претседател Доналд Трамп, тврди дека Русите на мировните преговори дошле со добра намера.
„Според повеќемина поранешни високи американски функционери со кои разговаравме, во април 2022 година, руските и украинските преговарачи привремено се договорија за нацртот на преговарачкото преодно решение: Русија ќе се повлече од својата позиција на 23 февруари, кога контролираше дел од Донбас и целиот Крим, а за возврат Украина ќе вети дека нема да бара членство во НАТО и наместо тоа ќе добие безбедносни гаранции од многу земји“, се наведува во написот, чиј коавтор е Хил.
Украина предложила мировен договор за неутралност во нацрт-документот што и го доставила на Русија за време на разговорите на 29 март во Истанбул, Турција. Руската армија го најавила своето повлекување од некои делови на Украина како гест на добра волја, веднаш откако тоа било понудено, тврди таа.
Но, неколку дена подоцна, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев открил докази за воени злосторства на териториите напуштени од руските војници, особено во градот Буча. Тој тврдеше дека украинската јавност нема да му дозволи да преговара со народ кој, според него, врши геноцид врз неговиот народ.
Русија рече дека доказите за воените злосторства се измислени и верува дека Киев ги искористил наводите како изговор да ги напушти мировните преговори и да продолжи да се бори со надеж дека западната воена помош ќе му овозможи да победи на бојното поле. Според руските дипломати, Москва подготвила формален мировен договор врз основа на украинските предлози и го испратила во Киев, но никогаш не добила ништо како одговор.
Во мај некои украински медиуми неуспехот на преговорите го поврзаа со притисокот што го наметна британскиот премиер Борис Џонсон врз Киев, пишува Раша тудеј и потсетува дека лидерот на Велика Британија јавно се спротивставил на преговорите за решение на кризата во Украина и го повика Киев да се бори за поцврста позиција во идните преговори.
Џонсон го посети Киев на 9 април, наводно, речиси без предупредување и со порака до Зеленски дека не може да го добие договорот што го сака од неговиот руски колега Владимир Путин.
Според весникот „Украинска правда“, тој го означи Путин како воен злосторник кому не може да му се верува и рече дека „дури и ако Украина е подготвена да потпише некои договори за гаранции со Путин, тие (Западот) не се“, а безбедносните гаранции за неутрална Украина на големите светски сили беа камен-темелникот на предложениот мировен договор.
Високи руски функционери повеќе пати изјавија дека Москва е подготвена да го реши конфликтот и предупредија дека одлуката за прекин на преговорите само ги влошила конечните услови за Украина. Раководството во Киев инсистираше на тоа дека преговорите може да се одржат само откако Русија целосно ќе ги повлече своите трупи, вклучувајќи го и Крим, кој Москва го смета за своја територија.