На денешната прва годишна конференција на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ се обрати претседавачот на Унијата на ветерани, Мане Јаковлески, кој во своето обраќање ги истакна почетоците на ВМРО-ДПМНЕ и борбата за осамостојување на Македонија.
Јаковлески потенцираше дека за него е апсурдно однесувањето и изјавите на СДСМ кои денес го обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ дека не сакало Македонија да влезе во ЕУ и НАТО, а истите тие тогаш биле против самостојна Македонија и против зачленување на Македонија во ЕУ и НАТО.
Драги пријатели, браќа и сестри. Денес одново сме соочени со нова борба. Тоа е борбата да го искажеме нашиот став за договорот со Бугарија кој е изворот на проблемите и асимилацијата кон Македонија. Треба македонците да се обединат околу ставот да се излезе што е можно помасовно на референдум и да се гласа за поништување на договорот со Бугарија. Оние коишто мислат спротивно или се за СДСМ или работат по нарачка на СДСМ свесно или несвесно. И овие денови се однесуваат како да го бранат народот и Македонија од ВМРО па глумат и загрижени патриоти. Вие да ја сакавте Македонија немаше да им слугувате на тие кои ја продаваат и тие кои ја доведоа на колена. Затоа апелирам да се излезе одлучно и да се обединиме околу ова прашање. Ова е таа можност да се направи разлика и да се докаже дека македонците се спремни не само да ја создадат туку и да ја градат нашата Македонија – истакна Јаковлески.
Тој дополнително во своето обраќање испрати апел до сите граѓани.
Ги повикуваме сите граѓани на нашава Македонија да застанат зад браникот на нашата Татковина, да застанат зад ВМРО-ДПМНЕ единствени, сплотени, исправени, затоа што тие најдобро го препознаваат доброто и лошото, ја знаат празната демагогија на политичарите од СДСМ и целата антимакедонска тајфа. Само сплотени можеме да ја одбраниме нашата Македонија и да им ја обезбедиме иднината на нашите деца и внуци! Само сплотени ќе покажеме дека Македонија раѓала, раѓа и ќе раѓа синови кои знаат и можат да ја одбранат! Само заедно можеме да излеземе како победници. Да се обединиме против злото наречено СДСМ, За да не биде предоцна! Повикуваме да се збијат редовите и отсечно и директно да им кажеме „НЕ“ на распродавачите и неспособните кои ја уништуваат нашата Македонија – порача Јаковлески.