Социјалистичката партија на Македонија укажува на усложнувањето и загрижувачката ескалација на економската криза во државата. Двоцифрената инфлација од 16,8%, меѓу највисоките во Европа, ги осиромашува граѓаните, ги обезвреднува платите и пензиите, стандардот паѓа, а секојдневно расте и јавно се изразува незадоволството на граѓаните од политиката на власта на СДС, велат од партијата.
Во продолжение нивното соопштение
Социјалистичката партија на Македонија ја упатува неодговорната Влада дека мора да престане со нерационалното трошење и без одлагање да се концентрира кон градење на антиинфлациона програма, како и донесување на итни конкретни мерки за помош на социјално загрозените семејства.
Цените на енергијата, храната и услугите доколку не се субвенционираат создаваат несигурност за егзистенцијата на граѓаните и членовите на нивните семејства. Посебно се загрозени вработените лица со ниски приходи и земјоделците кои Владата постојано и смислено ги запоставува и го намалува производството на храна.
Заради лошото менаџирање на кризата од Владата стопанството е пред колапс, а недостигот и високите цени на енергенсите ги прават неизвесни зимата и наредните месеци за оддржливост на компаниите и вработените.
Власта внесува страв и несигурност кај граѓаните за нивната иднина со цел да го оттгрне вниманието и да може полесно да манипулира за свои лични интереси и неограничено да се богати на криминален начин.
Најизразени карактеристики на актуелната нелегитимна и некомпетентна влада се: корупција, непотизам, институционална неефикасност, нетранспарентност и неодговорност, со што државата се руши и се дестабилизира од власта за да се подредува под туѓи влијанија.
Социјалистичката партија на Македонија истакнува дека за сите негативни и криминални појави мора да има конкретна одговорност кај носителите на власта и одлучување. Секоја злоупотреба мора да се евидентира и да биде санкицонирана и казнета.
Македонските социјалисти истакнуваат дека излез од овие неповолни состојби и длабоката политичка, економска, финансиска, здравствена, мигрантска, топлинска, енергетска и прехрамбена криза е неодложното одржување на итни и предвремени парламентарни избори за спас на државата од целосно стопански пропаѓање, финансиски колапс и социјален хаос и безнадежност.