Од Сојузот на синдикати на Македонија преку писмо бараат од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, да ја преиспита одлуката за директорот на Водовод, за прекин на договорите на над 100 вработени и тоа во услови на светска и економска криза. Со ова, според ССМ има сомеж дека директорот прави реваншизам на вработените од само за него познати причини.
Во продолжение нивната реакција
СУТКОЗ при ССМ бара од Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска да ја преиспита одлуката на в.д директорот на ЈП Водовод и канализација Скопје за прекин на договорите за вработување на преку 100 вработени ЈП Водовод и канализација Скопје во услови на светска економска и енергетска криза и неизвесност на глобално ниво и да не дозволи да останат на улица преку 100 фамилии на наши колешки и колеги работници.
Исто така СУТКОЗ при ССМ како единствен репрезентативен синдикат за комунални дејности остро се спротиставува на незаконските прераспоредувања на работниците во ЈП Водовод и канализација Скопје со задолженија и наредби што е едностран акт на директорот и е недозволиво знаејќи дека на нивно место исто така се назначуваат други работници со задолженија и наредби.
Овие решенија / задолженија не нудат никаква правна сигурност на работниците и прават сомеж дека директорот прави реваншизам на вработените од само за него познати причини.
СУТКОЗ и ССМ секогаш се залагаат и се борат договорите и решенијата за прераспоредување да бидат законски со двостран акт – договори за вработување помеѓу работниците и работодавачите и затоа бараме итна средба со в.д директорот на ЈП Водовод и канализација Скопје како и со Градоначалничката на Град Скопје за да спречиме дополнителни штети кон работниците во оваа светска, економска и енергетска криза и неизвесност!