Со свеченото отворање кое се одржа синоќа во хотел Double Tree by Hilton во Скопје започна Тринаесеттата Школа за млади лидери на Претседателот Иванов, на тема „Морално лидерство“, која се одржува во периодот 16-30 септември 2022 година.

Овогодинешната 13-та Школа за млади лидери ја отвори и модерираше проф. д-р. Катерина Вељановска Блажевска, универзитетски професор и експерт за јавни политики и стратешка комуникација, која го сподели своето искуство со Школата за млади лидери и сподели на кој начин стекнатото знаење и контактите кои ги стекнала токму на оваа Школа и ѝ помогнале во формирањето на нејзината личност.

Веднаш по неа се обрати и градоначалникот на Ново Село, Ѓорѓе Божинов, кој исто така е поранешен учесник на Школата за млади лидери. Тој го истакна своето задоволство што бил дел од оваа Школа и колку таа му помогнала во неговиот професионален развој.

Видео обраќање имаше и Маестро Симон Трпчевски во кое ги поздрави присутните и иницијативата на Претседателот Иванов за создавање на оваа Школа за млади лидери. Спомнувајќи го својот последен проект „Makedonissimo“, Маестро Трпчевски ја потенцираше важноста на промоцијата на Република Македонија како лулка на културата и упати апел до младите лидери, каде и да одат во Светот, колку и да се успешни, никогаш да не забораваат од каде доаѓаат и каде започнала нивната приказна.

Пред присутните се обрати и Бискупот монс. д-р. Киро Стојанов кој говореше за моралот и етиката во современието низ религиска призма и ги охрабри младите лидери да стекнуваат нови знаења и да веруваат во себе и своите способности. Бискупот пред присутните го прочита и поздравното писмо кое лично Папата Франциск го испрати до Претседателот Иванов, а се однесуваше на Школата за млади лидери. Во писмото Неговата Светост се осврна на важноста од создавањето на идни лидери чии карактеристики ќе бидат разумноста, праведноста, моралната цврстина и умереноста. Во писмото Папата Франциск ја искажа својата искрена надеж дека присутните млади луѓе ќе можат да понудат морално лидерство за градење иднина заснована на соработка која ќе ги надмине поделбите во човештвото, и упати благослови за мудрост и мир за сите кои учествуваат во Школата.

По поздравното писмо од Папата, поранешниот Претседател Иванов во името на Школата за млади лидери, преку Бискупот Монс. д-р Киро Стојанов му врачи на Неговата Светост Папата Франциск признание „Морален лидер на денешницата“.

Пред присутните се обрати и Претседателот Иванов кој се осврна на темата „Морално лидерство“ која воедно е и главната тема на овогодинешната Школа за млади лидери. Тој со присутните ги сподели своите погледи на глобалните светски процеси, како политички, така и економски, говореше исто така и за кризите кои се случуваат на глобално ниво, токму поради недостатокот од морално лидерство во современите општествени текови. Претседателот Иванов исто така ја потенцираше и важноста на моралот и етиката во политиката, во општеството и општествените случувања, како и во секојдневието на човекот. Говореше и за предизвиците кои глобализацијата и напредокот на технологијата ги носат и како еден вистински лидер може да се справи со истите. Претседателот Иванов говореше и за важноста од преземањето конкретна акција во процесите воопшто, со што на тој начин младиот човек работи на отворање на нови хоризонти и проширување на сопствените видици. Ги охрабри присутните да учат, да се надоградуваат, да бидат љубопитни, но во исто време да го почитуваат семејството и да ги почитуваат вредностите кои ги има добриот човек, да бидат добри луѓе што ќе прават добри дела, да ги почитуваат добрите обичаи и практики со цел постигнување на општото добро.

Овогодинешната школа се одржува во комбинирано издание, една недела со онлајн предавања и предавања со присуство во живо. Oд денес продолжуваат онлајн сесиите кои ќе траат до 23 септември, a сесиите во живо ќе продолжат од 25-30 септември и ќе се одржат во хотелот „Инекс Олгица“ во Охрид каде ќе биде и свеченото затворање.

Школата има четириесет учесници од Македонија и од странство и триесетина предавачи исто така од Македонија и од странство.

Меѓу предавачите на овогодинешната Школа за млади лидери на Претседателот Иванов се поранешниот Претседател на Чешката Република, Вацлав Клаус, Денис Илиќ, Претседател на Ilitch Enterprises; Ендру Пејкоф Јуниор, Претседавач на компанијата Niagara Bottling, Сани Шенер, главен извршен директор и Претседател на „ТАВ Аеродроми“; Еџе Чифтичи, Претседател на бордот на SocialBen Foundation; проф. д-р. Том Гудерјан, професор по антропологија на Универзитетот во Тексас; проф. д-р. Роберт Стеркен, професор по политички науки на Универзитетот во Тексас; проф. д-р Викторија Трајков, професор по политички маркетинг на Универзитетот за туризам и менаџмент; Рашела Мизрахи, пратеник во Собранието на Република Македонија; д-р Александар Митов, експерт за јавно здравје; Зоран Костовски, Директор на компанијата за деловна едукација, менаџмент консалтинг, образование и обука „Мотива“; Ацо Момчиловиќ, ко-основач на Global Al Ethics Institute во Хрватска; проф. д-р Атанас Кирјаковски, професор по психологија на Меѓународниот Балкански Универзитет.

Во програмата во Охрид се планирани посета на Општина Охрид, како и три панели кои ќе ја обработуваат главната тема од различни аспекти. Меѓу панелистите се: проф. д-р Милан Ѓорѓевиќ, професор на Теолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“; проф. д-р Али Пајазити, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово; Рашела Мизрахи, пратеник во Собранието на Република Македонија; д-р Александар Митов, експерт за јавно здравје; проф. д-р Атанас Кирјаковски, професор по психологија на Меѓународниот Балкански Универзитет; проф. д-р Методи Хаџи Јанев, вонреден професор по правни науки при Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје; проф. д-р. Зоран Иванов, член на меѓународниот оддел за претприемништво при TOBB ETU и проф. д-р. Катерина Вељановска Блажевска, универзитетски професор, експерт за јавни политики и стратешки комуникации. Модератори на трите панел дискусии д-р Коста Милков, Претседател на Балканскиот институт за вера и култура; проф. д-р Иван Иванов, Меѓународен Балкански Универзитет, и проф. д-р Анис Сефиданис, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ Охрид.

Школата за млади лидери е иницијатива на Претседателот Ѓорге Иванов која започна на почетокот на неговиот прв мандат. Првата Меѓународна обука за млади лидери се одржа во 2010 година. Оттогаш, во текот на досегашните 12 обуки, учествуваа околу 480 млади луѓе од земјата и од странство, со различна академска и професионална позадина. Во склоп на Школата за млади лидери, низ годините до сега предавања одржаа над 220 реномирани предавачи од Република Македонија, Европа и светот. Во 2018 година, проектот Школа за млади лидери на Претседателот Иванов, е прогласен за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.